Балтичките држави Естонија, Летонија и Литванија веќе престанаа да купуваат струја од Русија, а во февруари следната година ќе ги префрлат своите мрежни врски на главната континентална европска енергетска мрежа.
Компаниите Елеринг од Естонија, АСТ од Летонија и Литгрид од Литванија соопштија дека известувањето за излез било потпишано во главниот град на Летонија, Рига.
Заедничкиот договор со Москва и Минск истекува на 7 февруари, а балтичките системи ќе бидат исклучени од заедничката мрежа со нив наредниот ден.
„Ќе ги исклучиме и отстраниме последните физички врски со руската и белоруската мрежа“, изјави генералниот директор на Литгрид, Рокас Масиулис, оценувајќи дека тоа е „амбициозен проект за енергетска независност“.
Трите поранешни советски републики останале поврзани на мрежата контролирана од Москва согласно договорот БРЕЛЛ од 2001 година.
Балтичките системи планираат да се синхронизираат со системот на континентална Европа на 9 февруари 2025 година. „Синхронизацијата со подрачјето на континентална Европа ќе овозможи независна, стабилна и сигурна контрола на фреквенциите на електроенергетските мрежи на балтичките држави и ќе ја зголеми енергетската безбедност во регионот“, соопшти естонскиот Елеринг.
Естонија, Летонија, Литванија и Полска се договорија со Европската комисија во 2019 година да ја координираат својата поврзаност со електроенергетската мрежа на ЕУ до крајот на 2025 година, меѓутоа, руската војна во Украина ги наведе да го забрзаат тој процес.