Модната индустрија, која е еден од најголемите загадувачи во светот, се соочува со притисок да стане еколошки поодговорна, со цел да го намали своето негативно влијание врз планетата. Одржливата мода промовира користење на еколошки прифатливи материјали, етичко производство и намалување на отпадот, што придонесува за зачувување на природните ресурси и намалување на емисиите на јаглерод диоксид.
Влијанието на модната индустрија врз животната средина
Модната индустрија е еден од водечките сектори кога станува збор за загадување. Според податоците на Обединетите нации, модната индустрија е одговорна за околу 10% од глобалните емисии на јаглерод диоксид и дури 20% од глобалната потрошувачка на вода. Исто така, се проценува дека секоја година модата произведува 92 милиони тони отпад. Оваа количина отпад главно доаѓа од производството на облека и неконтролираното фрлање на неискористената или непродадената облека.
Брендовите како H&M и Zara, преку својата „брза мода“ („fast fashion“), произведуваат огромни количини облека кои често завршуваат на депониите. Токму поради ова, се зголемува бројот на модни креатори и брендови кои ја препознаваат важноста на преминувањето кон одржлива мода како начин на борба против еколошките проблеми.
Извор: Freepik
Креатори и брендови кои ја предводат одржливата мода
Познатите модни креатори и брендови сè почесто ја истакнуваат одржливоста како дел од својата филозофија. На пример:
Стела Мекартни, пионер на одржливата мода, веќе со години користи еколошки материјали како органски памук, лен и рециклирани материјали. Мекартни има изјавено: „Модата е една од најштетните индустрии за околината, но сакам да покажам дека можеме да создадеме убави работи без штетни последици.“
Патагонија, позната по својата посветеност на екологијата, произведува облека од рециклирани материјали и користи етички методи на производство. Исто така, овој бренд нуди поправка на својата облека со цел да го продолжи нејзиниот век на траење, со што се намалува потребата за купување нови производи.
Ајлин Фишер, уште еден бренд фокусиран на одржливост, користи рециклирани материјали и промовира циркуларна економија преку иницијативи за рециклирање на старата облека. Фишер има изјавено: „Одржливата мода не е тренд, тоа е иднината на нашиот опстанок.“
Значењето на одржливата мода во ширењето на свеста за зелената транзиција
Одржливата мода не е само начин за намалување на влијанието на индустријата врз животната средина, туку и средство за подигнување на свеста за поширокиот проблем на еколошката криза и транзицијата кон одржливи модели на потрошувачка. Одржливоста во модата може да ги инспирира потрошувачите да ги променат своите потрошувачки навики, да го намалат прекумерното купување и да станат посвесни за последиците од своите избори.
На пример, сè поголем број на потрошувачи се свртуваат кон „бавната мода“ („slow fashion“), која промовира квалитет, долготрајност и етичко производство. Статистиката покажува дека дури 73% од милениумците велат дека би купиле одржливи производи, дури и ако се поскапи, што укажува на растечкиот тренд на свесност кај помладите генерации.
Модните настани како е Fashion Revolution Week или кампањите како #WhoMadeMyClothes, започнати по трагедијата во фабриката Рана Плаза во Бангладеш во 2013 година, дополнително ја поттикнуваат дебатата за етичките и еколошките аспекти на модната индустрија. Овие иницијативи ги поттикнуваат потрошувачите да поставуваат прашања за потеклото на облеката, условите за работа и влијанието на производството врз животната средина.
Извор: Freepik
Статистички податоци за важноста на одржливата мода
10% од емисиите на CO2 доаѓаат од модната индустрија, што е повеќе од сите меѓународни летови и поморски транспорт заедно.
85% од текстилот завршува на депониите секоја година.
93 милијарди кубни метри вода се користат секоја година во модната индустрија, што е доволно да се задоволат потребите за вода за пиење на 5 милиони луѓе.
За производство на еден пар фармерки потребни се дури 7.500 литри вода, што е еквивалент на количината вода што човек ја пие за околу 10 години.
Дел од глобалната еколошка транзиција
Одржливата мода станува клучна во подигнувањето на свеста за еколошките проблеми и зелената транзиција бидејќи директно влијае на намалувањето на емисиите, зачувувањето на ресурсите и етичките стандарди за работа. Креаторите и брендовите кои ја предводат оваа транзиција даваат пример за иднината на индустријата, додека потрошувачите сè повеќе ги поддржуваат одржливите производи. Како дел од поширокото движење за одржливост, модата може да биде моќна алатка за општествени промени, поттикнувајќи нè сите да размислуваме за долгорочните последици на нашите секојдневни избори.
Извор: Odrzime.rs