Земја во која се зборуваат повеќе од 700 јазици: На училиште еден, дома друг, на работа трет

Светот е неверојатно разновиден, а јазиците се можеби неговиот најубав доказ. Некои поврзуваат милиони луѓе низ континенти, додека некои се чуваат во мали заедници на само едно ритче, остров или село. Секој јазик носи своја приказна, идентитет и сеќавање. А малку која земја ја прикажува таа разновидност како Индонезија.

jazik-4770-fi

Извор: Unsplash

Една земја – повеќе од 700 јазици
Индонезија, огромна островска држава сместена помеѓу Индискиот и Тихиот океан, се состои од повеќе од 17.000 острови. Таа распространетост создала простор за развој на стотици култури, обичаи и јазици.

Според податоците на лингвистичката база Ethnologue, во Индонезија денес се зборуваат повеќе од 700 различни јазици, со што таа е една од најразновидните земји во светот. Само Папуа Нова Гвинеја има повеќе, пренесува Putnikofer.

Иако службениот јазик е бахаса Индонезија, кој се користи во училиштата, медиумите и државните институции, поголемиот дел од луѓето се двојазични или повеќејазични. Во секојдневниот живот зборуваат и локални јазици, како што се јаванскиот, сунданскиот, балијскиот, мадурешкиот… секој со свој ритам, метафори и начин на гледање на светот.

jazik-4770-ps1

Јазици што исчезнуваат
Многу од овие јазици никогаш не биле запишани. Некои дијалекти денес ги зборуваат само неколку постари жители. Кога тие ќе заминат, ќе замине и јазикот.

UNESCO и локални организации работат на тоа да ги зачуваат, со снимање на говорниците, изработка на дигитални речници и воведување на образовни програми. Затоа што, кога ќе се изгуби еден јазик, не исчезнуваат само зборовите, туку и бајките, легендите, песните, обичаите и начинот на размислување.

И покрај толкавата разновидност, Индонезија успешно го одржува единството.
По стекнувањето на  независност во 1945 година, прифаќањето на бахаса Индонезија како заеднички јазик помогнало да се создаде рамнотежа меѓу различноста и заедничкиот идентитет. Денес тоа е јазикот што ги обединува островите и луѓето кои зборуваат десетици различни мајчини јазици.

jazik-4770-ps2

Земја што изгледа како илјада светови
Со јазичното богатство доаѓа и исклучителна природна разновидност. Индонезија е најголемото островско подрачје во светот, со предели што изгледаат како да се од различни планети:

  • тропски прашуми на Борнео,
  • вулкани на Јава,
  • храмови и оризови тераси на Бали,
  • праисториска дивина на Папуа.

Додека во Џакарта пулсира ритамот на мегаполисот, на другиот крај од архипелагот постојат мирни рибарски села каде времето тече во ритамот на плимата и осеката.

Патувањето низ Индонезија значи минување од еден свет во друг. А секој тој свет има свој јазик.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.