Со измените во Правилникот за педагошки мерки се предвидува во основните училишта телефоните да не можат да се користат ниту за време на одмор, додека за средните училишта ќе бидат пропишани поинакви мерки. Од Министерството за образование на Р. Хрватска, најавија дека исклучок ќе биде користењето на телефонот за едукативни цели или поради здравствени потреби.
Како што пренесува ХРТ, училиштата се единственото место каде што децата не смеат да користат мобилни телефони, но тоа засега важи само за време на наставата. На округлата маса „Дали мобилните телефони и социјалните мрежи им го крадат детството на нашите деца?“ беше нагласено дека со измената на Правилникот за педагошки мерки за основните училишта, ќе се пропише забрана за користење телефони и за време на одморите.
Директорите на хрватските училишта сметаат дека е неопходно добро да се дефинира забраната. Лесно е да се дополни законот, но се поставува прашањето кој ќе го спроведува во пракса. Децата треба да се учат на дигитална писменост и одговорно користење на социјалните мрежи. Мобилните телефони кај децата предизвикуваат зависност, ја зголемуваат анксиозноста и депресијата, и ги отуѓуваат. Новите мерки имаат за цел да ги вратат децата во реалноста, барем за време на школските часови.