Со подемот на технологијата, правилата на играта се сменија, а изборот на партнер стана комплексен процес сличен на купување фармерки – секогаш бараме нешто што не нe стега премногу, но и не е премногу опуштено.
Во светот на онлајн запознавањето, клучната дилема е: Дали зад следниот swipe ме чека нешто подобро, поинтересно и позабавно?
1. Парадоксот на изборот и бесконечниот Swipe
Во капиталистичкото општество, пазарот нуди бескрајни опции за сè – од јогурт до мобилни телефони. Овој парадокс се пресликува и во дејтингот. Наместо да чувствуваме слобода поради стотиците потенцијални партнери на апликациите, ние всушност чувствуваме притисок. Стравот да не се избере „погрешно“ води кон постојано споредување и swipe на следната опција, што го одложува моментот кога навистина ќе му се посветиме на еден човек.
2. Гејмификација и допамински ефект
Дејтинг апликациите се дизајнирани како игри. Повлекувањето лево-десно, совпаѓањата (matches) и нотификациите го стимулираат ослободувањето на допамин. Наградата кај видеоигрите е преминот на ново ниво, а кај овие апликации тоа се лајковите и пораките. На тој начин, самото користење на апликацијата често станува извор на забава, наместо алатка за градење длабока врска.
3. Ghosting и дехуманизација на односите
Разговорот тече одлично, емотикони на сите страни, едно ветување за средба и одеднаш молк. Феноменот на ghosting или ненадејно исчезнување од комуникацијата без објаснување, остава сериозни траги. Оваа појава води кон намалена емпатија и губење на чувството за одговорност кон туѓите емоции. Од друга страна, жртвите на ваквото однесување развиваат несигурност и страв од одбивање, што ја отежнува довербата во идните реални односи.
4. Естетски притисок и неавтентичност
Физичкиот изглед стана првиот и основен филтер. Совршено осветлување, висок квалитет на сликите, но „без филтри“ критериумите се високи и честопати нереални. Во желбата да се прикаже идеалната верзија на себе преку совршен профил, се губи вистинската компатибилност. Ова создава анксиозност при средбите во живо: „Што ако не му/ѝ се допаднам во реалноста?“.
5. Емоционален замор и Repeat циклусот
Циклусот на високи очекувања и разочарувачки средби често води до специфичен облик на емотивен замор. Кога постојано вложувате енергија во нови луѓе, а односите згаснуваат пред воопшто да почнат, се јавува чувство на „прегорување“ од дејтинг. Сепак, притисокот дека потрагата мора да продолжи често нè враќа на почеток – repeat на целиот процес со нови луѓе и нови надежи.
Другата страна на приказната: Зошто апликациите сепак работат?
Иако носат одредени ризици, дејтинг апликациите не се само извор на површност. Тие се и алатка која на многумина им донесе среќа и неочекувани придобивки.
- Транспарентност од старт: За разлика од запознавањето во живо каде не знаете дали некој е слободен, на апликациите профилите јасно ги дефинираат намерите.
- Социјална лабораторија: За многу корисници, овие платформи се простор каде што учат подобро да се претстават, да флертуваат и да ги препознаат сопствените потреби.
- Поголеми можности: Апликациите го шират социјалниот круг надвор од работното место или кафулето во кое секогаш одите, што е од огромно значење за зафатените и интровертните личности.
- Чувство на контрола: Корисникот сам одлучува кога ќе одговори и со кое темпо ќе се развива контактот, што дава чувство на безбедност и рамноправност.
Заклучок: Swipe кон суштината
На крајот, вистинското прашање не е како функционира модерниот дејтинг, туку како ние функционираме во него. Дали бараме совршен профил или вистинска поврзаност која подразбира несовршеност и ранливост?
Бесконечниот избор може парадоксално да нè оддалечи од љубовта ако постојано трагаме по „нешто малку подобро“, пропуштајќи ја приликата навистина да го запознаеме човекот кој веќе стои пред нас, без филтри и внимателно избрани кадри.
Извор: bizlife.rs