Што е „reading retreat“ и зошто вљубениците во книгите ќе го обожаваат овој тренд на патување?

Понекогаш е навистина доволна само една добра идеја за веднаш да посакате да ја запишете на листата со планови за оваа година. Токму така делува и reading retreat, тренд на патување кој сè повеќе ги привлекува љубителите на книгите, побавните денови и одморот без притисок дека постојано нешто мора да се обиколува, планира или „одрадува“.

reading-5514-fi

Извор: Lummi

Зошто „reading retreat“ е идеална идеја за опуштено патување оваа година?

Замислете викенд или неколку дена во удобна куќа во природа, покрај море или во некое мирно место, со куп книги кои долго чекаат на ред, топол пијалак во раката и доволно време конечно да му се препуштите на читањето без прекинување. Ако тоа ви звучи како совршен одмор, тогаш ова е токму она патување што би требало да го испробате годинава.

Што е „reading retreat“?

Ова е одмор осмислен за луѓе кои ги сакаат книгите, помирното темпо и опуштањето. За разлика од класичните патувања на кои деновите се полнат со излети, обиколки и планови, овде фокусот е на забавувањето, уживањето и непреченото читање.

Таквото бегство може да биде целосно соло искуство, идеално за оние кои сакаат малку тишина и време за себе. Од друга страна, reading retreat може да биде и одлична идеја за пријателки или помала група луѓе кои сакаат книги, па патувањето лесно може да се претвори во еден вид „патувачки бук-клуб“ (book club), со разговори за прочитаното, добра храна и многу поопуштена атмосфера отколку на класично женско патување (girls trip).

Зошто овој тренд стана толку привлечен?

Не е тешко да се разбере зошто овој концепт станува сè попопуларен. Сè повеќе луѓе бараат одмор кој нема да биде уште една обврска, туку вистинско „ресетирање“. По премногу екрани, бучава, нотификации и секојдневна брзање, reading retreat нуди нешто сосема поинакво: тишина, концентрација и чувство дека времето конечно тече пополека.

Тоа е патување кое не бара постојано да бидете „во движење“. Наместо тоа, ви допушта да уживате во едноставните нешта: доброто сместување, мирот, книгите, долгите утра и вечерите без брзање.

Како да го испланирате вашиот „reading retreat“?

Избор на вистинската локација

Првиот чекор е да одлучите каков амбиент сакате. На некого совршен избор му е дрвена куќичка во шума, на друг апартман покрај море, а на трет мал град со мирни улици и добра книжарница во близина. Најважно е просторот да има атмосфера во која ќе посакате да забавите. Камин, голема фотелја, тераса со поглед и мир често се поважни од листата на активности.

Изборот на книги го прави искуството поубаво

Еден од најзабавните делови на планирањето е правењето список со книги. Можете да ги прилагодите книгите на амбиентот:

  • Куќа во природа оди совршено со мистерии или интроспективни романи.
  • Престојот покрај море природно се согласува со љубовни приказни или полесни летни наслови.
  • Патувањето во историски крај може да го збогатите со историска фикција.

Што да понесете

Поентата на ова патување е удобноста. Покрај книгите или е-читачот, спакувајте меко ќебе, удобна облека, омилените грицки и пијалакот што сакате да го пиете додека читате. Некој ќе ужива и во тетратка за белешки или маркери за обележување цитати.

Без строг план и притисок

Можеби најголемата предност е тоа што нема потреба секој час да биде испланиран. Доволно е да оставите простор за читање, одмор и спонтани мали ритуали. Прошетка, посета на локална книжарница или утринско кафе со книга се сосема доволни за денот да биде исполнет.

За сите на кои класичните патувања со пријателките им се понекогаш премногу бучни или напорни, reading retreat е одлична алтернатива. Тој и понатаму подразбира дружење и заедничко време, но без притисок дека секој момент мора да биде максимално исполнет. Овој концепт лесно може да стане ваш нов омилен личен ритуал за поврзување со себе.

Извор: easylife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.