Проблемот што ја поттикна идејата
Пред неколку години, Миа Хелер наишла на статија во локален весник за проблемите со квалитетот на водата во нејзиниот крај во Ворентон, Вирџинија. Тестирањата покажале дека водата за секојдневна употреба била сериозно загадена со ПФАС (PFAS) материи и микропластика, додека во текстот било наведено дека државните институции нема да обезбедат средства за филтрација.
„Оставено им беше на луѓето самите да се погрижат за филтрирањето“, вели Хелер.
Нејзините родители набрзо инвестирале во напреден систем за филтрација на водата, но тој барал постојано одржување и честа замена на мембраните. Набљудувајќи ја својата мајка како постојано ги менува филтрите, Хелер одлучила да пронајде подобро решение.
„Тоа ме инспирираше да дизајнирам филтер без употреба на мембрани, со цел да ги намалам трошоците и потребата за одржување“, објаснува таа.
Во поширок контекст, проблемот со микропластиката станува сè посериозен. Овие честички, со големина од 1 нанометар до 5 милиметри, се пронајдени кај 1.300 животински видови, вклучувајќи ги и луѓето, а детектирани се низ целото тело од мозокот до коските, па дури и во плацентата. Внесот на микропластика е зголемен за шестпати од 1990 година наваму, додека производството на пластика продолжува да расте.
Решение без мембрани
Идејата за својот систем Хелер ја добила во 2024 година, но на нејзината реализација интензивно работела во текот на летото 2025 година. Веќе на почетокот на јануари таа имала функционален прототип. По неколку обиди и подобрувања, таа развила напреден модел кој се состои од три модули. Првиот ја содржи загадената вода, вториот го содржи ферофлуидот, додека клучниот процес се одвива во третиот модул.
„Магнетното поле ја извлекува микропластиката од водата, а ферофлуидот потоа се собира и повторно се користи во затворен круг“, објаснува Хелер.
Системот може да филтрира околу еден литар вода одеднаш. Резултатите покажаа дека нејзиниот прототип отстранува 95,52% од микропластиката и рециклира 87,15% од ферофлуидот, што е споредливо или дури и подобро од традиционалните постројки за преработка на вода.
Потенцијал и предизвици
Нејзината иновација е веќе препознаена на меѓународно ниво; таа беше финалистка на светскиот саем за наука и инженерство Regeneron International Science and Engineering Fair 2025 и освои специјална награда за својата технологија.
Експертите нејзината работа ја оценуваат како „навистина сјајна идеја“ и истакнуваат дека таа прави нешто што е неопходно. Сепак, нагласуваат дека е важно да се утврди како трајно се отстранува издвоената микропластика и да се осигура дека системот не остава дополнителни загадувачи.
Хелер смета дека во моментов најреална е примената во домаќинствата.
„Бидејќи ферофлуидот е сè уште скап за производство во големи количини, го гледам ова како решение за индивидуална употреба“, вели таа. Нејзиниот следен чекор е професионална потврда на резултатите и, како што заклучува, би сакала еден ден да го пласира овој производ на пазарот.
Извор: odrzime.rs