Море без брег и копно
Саргасовото Море се разликува од сите други водени површини на планетата. Сместено околу 950 километри источно од Флорида во северниот Атлантски Океан, ова подрачје е целосно опкружено со силни океански струи, но нема брегови ниту острови.
Мирната површина на морето е во контраст со силните, вртложни води на северноатлантскиот суптропски вртлог, огромен систем на струи кои циркулираат низ површинските води на океанот. Во рамките на тој систем, Саргасовото Море претставува мирна област опкружена со турбуленции океанска аномалија која со векови ги фасцинира морнарите и научниците.
Морнарите првпат се сретнале со Саргасовото Море многу пред ерата на сателитите и модерната навигација. Кристофер Колумбо, за време на своето патување во 1492 година, стравувал дека ќе остане „заробен“ во таа област, забележувајќи ја морничавата мирнотија на водата. Во тоа време морнарите не разбирале дека под мирната површина делуваат силни струи. Таа парадоксална мирнотија, во комбинација со бистрата вода, е една од многуте мистерии кои го прават Саргасовото Море толку интригантно.
Природна пловечка шума
Една од највпечатливите карактеристики на Саргасовото Море е изобилството на саргасум, вид морски алги кои пловат во големи слоеви по површината на водата. За разлика од повеќето морски алги, саргасумот плови благодарение на меурчиња исполнети со гас кои го одржуваат на површината. Овие пловечки слоеви формираат огромно „живеалиште“ за бројни морски видови. Морските алги обезбедуваат засолниште, храна и заштита за многу суштества кои инаку би биле изложени на предатори во отворениот океан.
Саргасовите „простирки“ врие од живот. Ракчиња, мали ракови и млади риби наоѓаат засолниште меѓу пловечката вегетација, додека поголемите грабливци, како ајкулите, ги користат рабовите на простирките за лов. Овие слоеви поддржуваат и голем број без’рбетници кои целиот живот го поминуваат врзани за морските алги. Истражувачите идентификувале повеќе од 100 видови без’рбетници кои живеат во Саргасовото Море, што го прави клучен дел од океанската биолошка разновидност.
Мистеријата на јагулите
Меѓу најважните морски видови поврзани со Саргасовото Море се европските и американските јагули. Овие видови го започнуваат животот како провидни ларви под морските алги. Како што растат, ги следат океанските струи кон исток или запад, во зависност од видот сè додека конечно не стигнат во реките. Откако ќе поминат децении во слатка вода, јагулите се враќаат во Саргасовото Море за да се мрестат и да угинат, завршувајќи го својот неверојатен животен циклус.
Способноста на јагулите да поминуваат огромни растојанија и да се вратат во истото подрачје на Саргасовото Море, и покрај недостатокот на очигледни ориентири, останува една од големите мистерии на животинскиот свет. Нивното враќање заради мрестење сведочи за единствената еколошка улога на ова „безбрежно“ море.
Големо влијание врз климата
Саргасовото Море не е само засолниште за морскиот живот тоа игра важна улога во регулацијата на климата на Земјата. Оваа област е клучен дел од глобалниот систем на океанска циркулација. Тој вртлог помага во транспортот на топлите, солени води кон север, додека постудените води се движат кон југ, создавајќи рамнотежа која влијае на временските обрасци од двете страни на Атлантикот.
Покрај тоа, површинските води на Саргасовото Море делуваат како значаен апсорбер на јаглерод. Фитопланктонот во таа област апсорбира јаглерод диоксид, а кога ќе угине, неговите лушпи тонат на морското дно, задржувајќи го јаглеродот надвор од атмосферата долго време. Меѓутоа, порастот на температурата во Саргасовото Море за околу 1°C од осумдесеттите години на минатиот век ја наруши оваа чувствителна рамнотежа.
Закани и заштита
Саргасовото Море е сè позагрозено од човечките активности, особено од загадувањето. Силните струи кои го опкружуваат морето делуваат како огромна замка, собирајќи отпад од целиот северен Атлантик. Пластичниот отпад, рибарските мрежи и други форми на загадување се акумулираат во оваа област. Една студија проценува дека Саргасовото Море содржи околу 200.000 парчиња отпад по квадратен километар.
Покрај тоа, бучавата од бродовите го нарушува морското опкружување, прикривајќи ги звуците на китовите и другите морски цицачи. За да одговори на овие закани, Комисијата за Саргасово Море, основана во 2014 година, се залага за воспоставување на заштитени морски подрачја и меѓународни договори за намалување на пластичното загадување и заштита на миграциските рути кои поминуваат низ овој регион.
Извор: bizlife.rs