По оскаровскиот успех со „Опенхајмер“, Нолан се зафати со едно од најпознатите книжевни дела во историјата – „Одисеја“, еп што со векови се изучува заедно со „Илијада“. Сега пристигнаа и првите реакции од критичарите, а многумина неговата интерпретација ја нарекуваат најимпресивниот филм во неговата кариера.
Мет Дејмон како Одисеј
Во филмот, Мет Дејмон го толкува Одисеј, кралот на Итака, кој по завршувањето на Тројанската војна тргнува на дваесетгодишно патување кон својот дом.
Неговиот син Телемах, кого го игра Том Холанд, сè уште не е доволно зрел за да ја преземе власта, додека жителите на Итака не знаат дали нивниот крал е жив или мртов. Сопругата на Одисеј, Пенелопа, која ја игра Ен Хатавеј, практично управува со кралството, но без вистинска политичка моќ, додека пред нејзиниот двор се собираат бројни додворувачи, меѓу кои ликовите што ги толкуваат Роберт Патинсон и Кори Хокинс.
Во актерската екипа се и Лупита Нионго, Џон Бернтал, Зендаја, Шарлиз Терон и уште многу познати имиња.
Критичарите се воодушевени
Првите реакции на филмот се претежно исклучително позитивни. Џејк Клајнман од Polygon оцени дека ова е „најдиректниот“, но можеби и најимпресивниот филм што Нолан досега го снимил.
Други критичари го опишуваат како „сложен, но лесно пристапен“, додавајќи дека станува збор за остварување „создадено да трае“.
Новинарката Рејчел Лајшман од порталот The Mary Sue напиша дека Нолановата верзија е „подеднакво епска како и оригиналното дело“.
Критичарот на IndieWire, Дејвид Ерлих, го смести филмот во самиот врв на филмографијата на Нолан, нарекувајќи го дело од највисок ранг и истакнувајќи дека завршниот чин целосно ги наградува гледачите за патувањето низ приказната.
„Вистински филмски спектакл“
Критичарката Пери Немироф од Collider го опиша филмот како:
„Вистинска гозба за љубителите на филмската уметност. Величествена и возбудлива адаптација на Хомеровиот еп, која во исто време го носи препознатливиот авторски печат на Кристофер Нолан. Искрено, тешко е да се замисли друг режисер кој би можел оваа приказна да ја пренесе на големото платно со толку амбиција, размер и емоција.“
Нејзиниот колега Стив Вајнтрауб, кој филмот го гледал двапати, изјави дека е „апсолутно воодушевен“ и го нарече едноставно – неверојатен.
Една од ретките адаптации во кариерата на Нолан
Во најголемиот дел од својата кариера, Кристофер Нолан создаваше оригинални приказни. Од дебитантскиот „Following“, преку „Memento“, „Inception“, „Interstellar“ и „Tenet“, тој најчесто режираше авторски филмови што ги поместуваа жанровските граници. Исклучок се историските драми „Dunkirk“ и „Oppenheimer“, како и трилогијата за Бетмен.
Надвор од филмовите за Бетмен, адаптациите на веќе познати книжевни дела се вистинска реткост во неговата филмографија.
Во едно гостување кај Стивен Колбер, Нолан изјави дека античките епови биле првите приказни за суперхерои, па затоа не изненадува што по завршувањето на трилогијата The Dark Knight се одлучил токму за „Одисеја“.
Ако им се верува на првите реакции, тој ризик целосно се исплател.
Филмот „The Odyssey“ премиерно пристигнува во кината на 17 јули 2026 година.
Извор: bizlife.rs