Но, ако сте ја почувствувале таа „детска“ желба да се повлечете во сопствен свет каде што никој нема да ве вознемирува, не сте сами. Импулсот што сте го почувствувале не е детинест, тоа е ваша потреба да ги зачувате сопствените граници и енергија. А она што со задоволство им го овозможувате на своите деца, треба да си го дозволите и себеси. Секако, на соодветен начин. Веројатно не сакате да се криете под ќебе, но можете да создадете свое сопствено мирно катче – по ваша мерка. Терапевтите порачуваат дека моментите на повлекување во „својот свет“ имаат терапевтско дејство.
Истражете начини за смирување на нервниот систем:
Како да го смирите нервниот систем: 9 трикови што навистина функционираат
Зошто ви е потребно мирно катче и како да го создадете
Што претставува мирното катче
Мирното катче е одреден простор со ниско ниво на стимулација во вашиот дом, дизајниран да ви помогне да забавите, да се опуштите и да се „ресетирате“. Тоа е тивка и удобна зона со меко осветлување, смирувачки бои и минимални одвлекувања (вклучително и дигитални). Иако првично е осмислено како алатка за деца за да застанат, размислат и се смират, неговата вредност е исклучително значајна и за возрасните. Секој може да има корист од простор создаден за одвојување од секојдневната врева, свртување кон себе и смирување или обработка на интензивни емоции.
Вашето мало засолниште е место каде што можете неколку минути да здивнете од дневната гужва и да се опуштите. Поентата е да направите кратка пауза, да земете здив и да му дозволите на парасимпатичкиот нервен систем да се активира. Таа пауза без разлика дали трае пет минути или еден час може да ве спречи остатокот од денот да го поминете напнати, или може да биде местото каде што го започнувате денот смирени и зајакнати.
Смирувачкиот ефект на ресторативниот простор
Сè поголем број истражувања покажуваат дека практиката на повлекување во мирен простор позитивно влијае врз умот и телото. Доказите, засновани на теориите за емоционална регулација и психологијата на животната средина, укажуваат на неколку практични придобивки:
- Мирното катче со ниска стимулација го намалува стресот во телото
- Срцевиот ритам се забавува
- Телото се опушта
- Се зголемува чувството на целосна релаксација
- Се намалува анксиозноста
- Расположението се стабилизира
- Се зголемува чувството на контрола
- Подготвени сте подобро да се справувате со предизвиците
Она што е особено добро е тоа што оваа регулирана „основна линија“ ви го олеснува фокусирањето и завршувањето на обврските потоа. Во таа смисла, користа од повлекувањето на мирно место не се однесува само на моменталното смирување. Позитивните ефекти се протегаат во текот на целиот ден и влијаат на сè што правите.
Како да создадете мирно катче за себе
Внимателно осмисленото мирно катче поддржува саморегулација, го подобрува расположението и може да доведе до појасно размислување и подобро донесување одлуки. Еве како сами да го направите:
Изберете мирно место
Ова не мора буквално да биде агол. Клучно е да изберете простор каде што можете да се оддалечите од бучава, одвлекувања, визуелна стимулација и гужва.
Создадете удобно место за седење
Без разлика дали е тоа мека подлога на подот, удобна фотелја или двосед, обезбедете си место каде што полесно ќе се опуштите.
Додајте работи што ве смируваат
Опремете го мирното катче со предмети што ви помагаат да се регулирате: меки перници, омилено ќебе, дневник, книга, свеќи, меко светло, растенија, кристали.
Држете се до неутрални бои
Неутралните бои и земјените тонови помагаат да се чувствувате постабилно и ја намалуваат визуелната стимулација.
Отстранете ги сите пречки
Сè што ви го одвлекува вниманието и ве извлекува од вашиот внатрешен свет треба да се отстрани. Престојувајте во своето засолниште без телефон, списоци со обврски и неред.
Како и кога да се повлечете
Овој простор можете да го користите секогаш кога ќе забележите дека нивото на вознемиреност ви расте или кога едноставно чувствувате потреба за пауза. Колку побрзо реагирате, толку подобро. Што се однесува до времетраењето, тоа зависи од вас. Стручњаците препорачуваат престој од најмалку три до 15 минути. Ако можете и сакате да останете подолго, нема потреба да поставувате тајмер.
Што ќе правите за тоа време, исто така е ваш избор. Можете да медитирате, да пишувате дневник, да размислувате, да слушате пријатни звуци или да пиете смирувачки напиток.
Смирувачки напитоци што помагаат да се опуштите и да го намалите стресот
Фокусирајте ги сите пет сетила на пријатни и релаксирачки сензации за да го ресетирате нервниот систем. Времето поминато во вашето мало засолниште не мора да биде продуктивно. Со други зборови, не мора да правите апсолутно ништо и не мора да применувате никаква техника за опуштање. Само бидете со себе, дишете и ослушнувајте го телото и мислите. Гледајте во далечина ако сте покрај прозорец или затворете ги очите. Ако заспиете, не грижете се – тоа значи дека сте се опуштиле и се чувствувате безбедно. Дремнете и освежете се, ако тоа најмногу ви одговара.
Повлекувањето во сопственото катче ќе ви помогне да поставите и одржувате здрави граници со членовите на домаќинството. Можеби на почетокот нема да оди лесно, но кога сите ќе научат да ги почитуваат вашите пет минути (без разлика колку траат), ќе си бидете благодарни за истрајноста.
Извор: easylife.rs