На прв поглед звучи како типична сензационалистичка статистика од интернет. Но ако ги собереме минутите поминати во редици, во автобус, во паузи меѓу обврските, сите оние кратки моменти кога раката автоматски посегнува по телефонот – можеби и не е толку далеку од вистината. Некои проценки зборуваат за околу 140 километри годишно „поминати“ со вертикално поместување на екранот. Ако тоа го претвориме во висина, тогаш добиваме четири планини високи колку Монт Еверест.
Секако, не постои прецизна научна формула со која може да се измери секое поместување на нашиот палец. Секој скрола со различно темпо, на различни уреди, со различни навики. Некој чита внимателно, некој „прелетува“ десет екрани во секунда. Но суштината не е во математичката точност, туку во метафората што отвора очи: колку навистина време, внимание и движење трошиме на дигитални пространства без почеток и крај.
Каде би стигнале ако таа енергија ја насочиме свесно?
Интересно е да се запрашаме: каде би стигнале ако само дел од тоа скролање го замениме со читање книга, разговор, движење? Не значи дека интернетот е непријател, ниту дека треба да бегаме од екраните, но можеби понекогаш можеме да застанеме и да се прашаме: Дали јас ги скролам содржините, или тие мене?
Телефоните, речиси незабележливо, од уреди за комуникација се претворија во продолжение на нашата свест и совршена замена за тишина. Веќе не постои „празен момент“: додека чекаме лифт, додека врие водата, додека некој доцни две минути – прво посегнуваме по екранот.
Социјалните мрежи станаа наш утрински аларм, информативен сервис, забава, мотивациски тренер и дневник на расположение – сè во едно.
Дури и кога немаме конкретна причина да ги отвориме, раката сама го пронаоѓа телефонот, како мозокот да бара нешто што ни самиот не знае да го именува. Тоа не е само навика, туку рефлекс: да провериме дали нешто се случило, дали нешто сме пропуштиле, дали некој нешто очекува од нас.
Парадоксално, никогаш не сме биле поповрзани со светот, а истовремено пораспрснати во себе.
Екранот стана граница помеѓу нас и реалноста – и често го подигаме како штит, дури и кога штит воопшто не ни е потребен.
Палецот ни стана нов компас. Прашањето е само: дали нè води некаде, или нè врти во круг у подножјето на Еверест што никогаш вистински нема да го искачиме?
Извор: bizlife.rs