Филмови што мора да ги погледне секој љубител на технологијата

Ако го сакате светот на иновации, амбиција и големи технолошки приказни, филмовите BlackBerry, The Social Network, Steve Jobs, Tetris и Pirates of Silicon Valley се незаменливи. Секој од нив прикажува клучни моменти и личности кои ја обликувале индустријата, од првите паметни телефони и друштвени мрежи, до легендите на Силициумската долина и култните видеоигри.

tehnologija-3747-fi

Ilustracija: DALL-E3


BlackBerry – Падот и подемот на првиот паметен телефон

Филмот BlackBerry (2023) ја раскажува приказната за уредот кој пред iPhone доминираше на пазарот и стана синоним за деловна комуникација. Режиран како комбинација од драма и сатира, филмот открива како една генијална, но несмасно водена канадска компанија ја трансформираше мобилната индустрија  и како, парадоксално, со сопствени пропусти сето тоа го изгуби. BlackBerry е приказна за технолошка генијалност, но и за судирот меѓу креативноста и бизнисот.

The Social Network – Темната страна на Facebook империјата

Во режија на Дејвид Финчер, по сценарио на Арон Соркин, The Social Network (2010) е многу повеќе од приказна за основањето на Facebook. Филмот ги прикажува внатрешните судири, амбициите и предавствата што го следеле Марк Закерберг на патот од студентска соба до глобална доминација. Освен што е филмски брилијантно изведен, овој наслов отвора прашања за моралот, сопственоста на идеи и цената на успехот во дигиталната ера.

Steve Jobs – Икона на иновациите во три чина

Дени Бојл и сценаристот Арон Соркин понудија поинаков поглед на животот на еден од највлијателните луѓе во технолошката историја. Steve Jobs (2015) не е биографски филм во класична смисла, туку интензивна драмска конструкција која преку три клучни претставувања на производи ги открива односите, филозофијата и личните борби на основачот на Apple. Филмот е поинтроспективен од другите во жанрот и бара внимателен гледач кој сака да ја разбере комплексноста на лидерството во технолошкиот свет.

Tetris – Играта што промени сe

Филмот Tetris (2023), со Тарон Егертон во главната улога, е изненадувачки напната приказна за правата на една од најпознатите игри на сите времиња. Во позадината на геополитичката клима за време на Студената војна, овој наслов открива како корупцијата, преговорите и шпионските игри биле составен дел од доаѓањето на Tetris на Запад. Повеќе од обична игра, Tetris е приказна за судирот меѓу Истокот и Западот преку пиксели и бизнис.

Pirates of Silicon Valley – Првите војни на Силициумската долина

Овој ТВ-филм од 1999 година останува незаменлив за секој љубител на технологијата. Pirates of Silicon Valley го следи ривалството меѓу Стив Џобс и Бил Гејтс, прикажувајќи ги нивните рани денови, методите, визиите и личните слабости. Иако визуелно и продукциски поскромен во споредба со поновите остварувања, филмот блеска во својата автентичност и директност, давајќи увид во тоа како се обликуваа модерните ИТ-империи.

Извор: web-mind.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.