Во основата на овој феномен лежи верувањето дека никој не расте потполно сам. Нашиот развој, колку и да го замислуваме како лично патување, во голема мера зависи од тоа кој нè опкружува и како тие луѓе нè гледаат. Кога некој во нас ќе препознае потенцијал кој можеби сè уште не сме го ни освестиле, и ќе почне да се однесува кон нас како веќе да сме таа верзија од себе, ние со текот на времето почнуваме да ѝ се приближуваме. На тој начин, односот станува простор во кој личноста не само што се изразува, туку и се обликува.
Тивка размена меѓу перцепцијата и однесувањето
Психолозите го опишуваат овој процес како тивка, но константна размена меѓу перцепцијата и однесувањето. Начинот на кој другите нè доживуваат влијае на тоа како се доживуваме себеси, а потоа и на тоа како се однесуваме.
Ако некој нè гледа како способни, креативни или храбри, таа слика почнува да се „вградува“ во нашиот идентитет. Со текот на времето, се однесуваме во согласност со тие очекувања, не затоа што сме приморани, туку затоа што почнуваме да веруваме дека тоа навистина е дел од нас. Промените се случуваат низ мали секојдневни интеракции преку начинот на кој некој нè слуша, поддршката што ни ја дава и довербата што ја покажува дури и кога самите се сомневаме во себе.
Автентичноста како клуч
Сепак, клучната линија на раздвојување на овој феномен од манипулацијата лежи во автентичноста. Ефектот на Микеланџело не подразбира дека некој се обидува да нè промени според сопствени стандарди, ниту пак да нè „поправи“. Напротив, неговата сила е во тоа што тргнува од она што ние навистина сакаме да бидеме. Другата личност не наметнува форма, туку го препознава она што е веќе таму и помага тоа да се развие.
Токму затоа овој ефект има и своја темна страна. Кога сме опкружени со луѓе кои не ги гледаат нашите потенцијали, кои нè потиснуваат или нè сведуваат на нашите слабости, се случува спротивниот процес. Наместо да растеме, почнуваме да се намалуваме. Стануваме верзија на себе која е ограничена од туѓите очекувања.
Личниот развој никогаш не е целосно индивидуален
Во време кое инсистира на индивидуалност и постојана „работа на себе“, ефектот на Микеланџело носи важен потсетник дека личниот развој никогаш не е целосно индивидуален. Изборот на партнери, пријатели и соработници затоа не е само прашање на емоции или компатибилност, туку и прашање на правецот во кој ќе се развиваме.
На крајот, овој феномен нè става во двојна улога. Од една страна, секој од нас носи во себе необработен „блок мермер“, полн со можности кои допрва треба да се откријат. Од друга страна, секој од нас учествува во обликувањето на другите луѓе. Прашањето што останува не е само кој нè гледа на вистинскиот начин, туку и дали ние во другите го гледаме она што тие можат да станат. Бидејќи понекогаш е доволно само една личност да поверува во нас за да почнеме и самите да веруваме.
Извор: bizlife.rs