Во текот на неделата ви остануваат само неколку часа за себе, за да ја обновите енергијата, и може да биде предизвик да одвоите време за пријателите.
Сепак, колку и да ве исцрпува секојдневниот распоред, пријателството не би требало постојано да останува во позадина. Одржувањето пријателство е како негување на собно растение. Може малку да се занемари од време на време, но без соодветна грижа почнува да вене.
Што да направите кога квалитетното време со пријателите бара дополнителен напор, а вие би сакале само да дремнете? Еве неколку стратегии што ќе ви помогнат да ги негувате своите пријателства – и себеси
Како да одвоите квалитетно време со пријателите во зафатен распоред
Вашиот замор е можност за прилагодување
Не сте лош пријател ако размислувате да откажете женска вечер за да гледате серија, или ако сте премногу исцрпени за да се јавите на спонтан видео повик. Уморни сте и имате потреба да молчите и да одмарате – и тоа е нормално. Но, ако одвојувате време за своите пријателки само кога сте добро расположени, тие средби ќе бидат многу ретки.
Погледнете го вашиот недостаток на ентузијазам за дружење од поширока перспектива. Тоа може да биде знак дека треба да почнете да избирате активности кои подобро одговараат на вашето ниво на енергија.
Пропуштените повици и откажаните планови се дел од дружењето во зрелите години, затоа не чекајте да се чувствувате подобро за да поминете квалитетно време со пријателите. Не мора секогаш да го покажувате своето најенергично издание, но можете да отворите врата за порелаксирани начини на поврзување што ќе ве радуваат.
Испратете ја таа порака – сега, не подоцна
Колку пати ви се случило да помислите на некоја личност и да сакате да ѝ се јавите, но сте го оставиле тоа за подоцна – и потоа целосно заборавиле? Затоа, следниот пат кога нешто ќе ве потсети на пријателка, испратете ѝ порака веднаш. Пред следните неколку обврски да ви го одвлечат вниманието и моментот на топлина да исчезне.
Не чекајте „слободен момент“ за долга порака – ќе заборавите што сте сакале да напишете, а кога конечно ќе бидете слободни, ќе правите нешто друго. Колку повеќе такви моменти пропуштите, толку полошо ќе се чувствувате.
Затоа, штом помислите на драга личност – испратете порака. Доволно е „мислам на тебе“ со срце. Ако имате малку повеќе време, додајте што ве потсетило на неа или на некои ваши заеднички моменти. Така ќе ја почувствувате топлината на емоцијата уште додека пишувате, а истото ќе го почувствува и вашата пријателка. Забавните мимови и спонтаните пораки нема да ги заменат средбите, но можат многу да придонесат за одржување на блискоста.
Квалитетно време со пријателите на едноставен начин
Самата помисла дека треба да се облечете, да одите некаде и потоа да се враќате може да биде исцрпувачка. Но, не мора да правите големи планови за да го негувате пријателството. Нека биде едноставно. Не мора да излегувате во кафеана, ресторан или кино за да поминете убаво време заедно.
Поканете пријателка кај вас, подгответе нешто едноставно за јадење. Можете да останете во тренерки и да уживате во домашна атмосфера. Или договорете вечерен телефонски разговор додека ја правите вашата рутина за нега на кожа и се подготвувате за спиење. Вметнете го дружењето во обичните и опуштени делови од денот.
Вметнете го дружењето на вашата листа на обврски
Уште една флексибилна опција за квалитетно време со пријателите, без многу напор, е едноставно да го комбинирате дружењето со нешто што и онака треба да го направите.
Ако знаете дека во сабота наутро треба да свратите до пошта, зошто да не испиете кафе со пријателка во блиското кафуле? Можете и да ги поканите да ви се придружат на час по вежбање, прошетка, шопинг или волонтирање – на активности што веќе ги имате во план. Така ќе поминете време заедно без дополнително оптоварување.
Квалитетно време со пријателите преку конкретен план
Ако навистина сте премногу исцрпени за дружење, бидете искрени и предложете конкретен план за следниот пат.
Избегнувајте нејасни изрази како „ќе се видиме наскоро“. Наместо тоа, објаснете зошто го одложувате состанокот, за пријателот да не помисли дека се извлекувате. Потоа предложете конкретен план – на пример, вечера во некој ресторан што сакате да го пробате, или кино следниот викенд. Ако навистина го цените тој однос, комуницирајте отворено и зрело.
Секако, квалитетното време со пријателите не треба да биде обврска, особено ако навистина ви е потребен момент на самотија. А ако никогаш не се чувствувате расположено за дружење со некоја личност, можеби е време да се запрашате дали тој однос вреди да му давате приоритет.
Пронајдете инспирација во овие совети за да ги негувате своите пријателства и покрај заморот и зафатениот распоред – на начин што ќе ве исполнува, а не ќе ве исцрпува.Покрај негувањето на постојните пријателства, постојат многу начини да стекнете и нови пријатели подоцна во животот: нови пријателства во зрелите години.