Coca-Cola и магијата на „тајната формула“: Маркетинг што трае со децении

Кога ќе ја спомнете Coca-Cola, првото нешто што ви доаѓа на ум покрај вкусот и логото е тајната формула. Приказната дека Coca-Cola ја чува својата формула во сеф, под клуч, достапна само за двајца луѓе во светот, звучи како сцена од филм. И токму тоа е целта. Но реалноста е далеку попроста, а вистинската моќ на Coca-Cola лежи не во хемијата, туку во митологијата.

marketing-3899-fi

Извор: Freepik

Колку тајната формула е навистина тајна?

Рецептот на Coca-Cola е создаден во 1886 година од фармацевтот Џон Стит Пембертон. Оригиналната формула содржела екстракт од кока лисја и кола ореви (од таму доаѓа и името), но со текот на времето е променета, особено по забраната на кокаинот.

Денес, она што се знае е дека Coca-Cola содржи вода, шеќер, кофеин, карамела за боја, фосфорна киселина и природни ароми, меѓу кои и познатата 7X Flavor мешавина, која официјално е тајна. Но многу лаборатории низ годините направиле хемиска анализа на пијалокот и откриле состав кој, иако можеби не 100% точен, е доволно близок.

Во 2011 година, емисијата This American Life дури објави дека го пронашле оригиналниот рецепт објавен во локален весник од Атланта од 1979 година. Дали беше точен? Можеби. Но Coca-Cola никогаш не го негираше ниту потврди тоа. И токму во тоа лежи магијата.

Зошто митот е посилен од рецептот?

Coca-Cola изградиле цел бренд врз основа на невидливото, недостапното и необичното. Наместо да кажат „имаме добар пијалок“, тие велат:
„Имаме нешто толку вредно што мора да биде под заштита 24/7.“

Ова се нарекува перцепциска стратегија, и тоа е најсилното оружје во маркетинг репертоарот на Coca-Cola:

  • Сефот во музејот World of Coca-Cola во Атланта, каде наводно е чуван рецептот, е туристичка атракција. Илјадници луѓе секојдневно плаќаат за да ја видат вратата од сефот, не формулата. Приказната е доволна.
  • Само двајца луѓе во светот ја знаат формулата во секое време –  уште еден маркетинг трик кој никогаш не бил официјално потврден, но кој еволуирал во урбана легенда.
  • Дури Pepsi ја нема “украдено” формулата – што само покажува дека тајната не е во состојките, туку во брендот. Дури и со идентичен вкус, тоа никогаш нема да биде „Кока-Кола“, бидејќи луѓето реагираат на навиката, емоцијата и приказната што стои зад името.
marketing-3899-ps1

Извор: Freepik

Формулата како средство за брендинг

Она што Coca-Cola го разбира подобро од речиси секој бренд на планетава е дека луѓето не купуваат вкус. Купуваат значење, искуство, приказна.

Додека конкуренцијата се обидува да го надмине вкусот, шеќерот или пакувањето, Coca-Cola се фокусира на чувството и на приказната:

  • На Божиќ? Coca-Cola го измисли ликот на модерниот Дедо Мраз во црвено-бело.
  • На лето? Го врзуваат својот бренд со плажи, фудбал и младост.
  • Во секојдневието? Една ладна кола секогаш е на дофат, дури и кога не ја бараш.

А митот за тајната формула? Тој ги држи луѓето љубопитни. Дури и кога знаат дека веројатно е само добар вкус со многу шеќер.

Што може да научи секој бренд од Coca-Cola?

  1. Не е важно што е производот, важно е што симболизира.
    Coca-Cola продава ист производ со децении, но го редефинираше тоа да од газиран пијалок прерасне во вкус на среќата.
  2. Митот гради доверба. Кога нешто е толку добро што мора да биде чувано под сеф, дури и ако не е, луѓето му веруваат повеќе.
  3. Маркетингот е поефикасен кога е обвиткан во приказна. Приказната за тајната формула е далеку позапаметена од било кој факт за самата Coca-Cola.

Coca-Cola можеби не чува тајна формула во вистинскиот смисол. Но чува нешто многу повредно: илузијата дека ја чува. И тоа не е измама, тоа е мајсторски изведен маркетинг, каде приказната е поважна од вистината, и каде брендот е поголем од самиот производ.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.