Маркетингот што не го гледате, не го слушате – туку го вдишувате

Тајната валута на брендовите Постои еден момент, толку тивок што лесно може да помине незабележан. Одите по улица, умот ви е зафатен со сопствени мисли, и одеднаш – мирис. Не толку силен, колку присутен. Топол, сладок, можеби малку зачинет. Во тој миг, вие не сте веќе на улица. Сте се преселиле во некое друго време – лето од детството, кујната на баба, мирно утро со отворен прозорец и свежо кафе.

marketing-4186-fi

Извор: Sora

Ова не е случајност. Ова е стратегија.

Маркетингот одамна ја откри моќта на носот – најпримитивниот, но и најемотивниот од сите наши сетила. Сликите може да ве инспирираат, звуците да ве расположат, но мирисите? Тие влегуваат без дозвола. Не им требаат преводи, логотипи или слогани.

Затоа Disneyland не мириса само на магија – туку на ванила и пуканки со путер. Затоа секој бутик на Chanel во светот мириса исто .

Луксузните бутици не се само кожа и кадифе – тие се и топли ноти на ванила, тактички поставени за да го стопат вашиот отпор.

 Затоа од влезот на омиленото кафуле ве пречекува мирисот на свежо мелено кафе, иако машината за кафе е длабоко внатре. Voilà – веќе го нарачавте вашето латте.

Американските агенти за недвижности одамна го користат овој трик – Ставаат свежо печени колачиња во кујната кога има разгледување.

Формулата за успех?

Мирисот на колаче = детство = топол дом = поголема веројатност да ја купите куќата.

Play-Doh на пример толку веруваат во својот мирис на ванила и детска носталгија, што го заштитија како трговска марка. А носталгијата мириса на пари. Многу пари.

Психолошки трик – се чувствувате помалку „во контрола“ и токму затоа купувате, за да ја вратите контролата… или бар да мислите дека ја враќате

Мирисот е мост помеѓу она што го чувствуваме и она што го купуваме. Психолозите ќе ви кажат дека нашето сетило за мирис е директно поврзано со хипокампусот – делот од мозокот задолжен за меморија и емоции. Брендовите тоа го знаат. Затоа виното на дегустација секогаш е придружено со мирис на свежо печен леб. Затоа продавницата за обувки пушта суптилна арома на кожа, а детската продавница на памучен шеќер.

Иронијата е што веруваме дека купуваме рационално. Ги споредуваме цените, ја проверуваме етикетата, читаме рецензии. Но понекогаш, вистинската одлука е донесена во моментот кога носот го регистрирал првиот молекул.

Следниот пат кога ќе помислите дека изборот е ваш, прашајте се: дали сте вие тој што избира – или вашето сетило за мирис одамна ја потпишало зделката во ваше име?

Страстен вљубеник во литературата и уметноста. Правник по диплома, новинар и маркетер по убедување, креатор на содржина и ПР ентузијаст од 9 до 5.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.