Netflix на 5 декември објави дека постигнал договор да го преземе филмскиот и стриминг дел на компанијата Warner Bros Discovery за околу 72 милијарди долари во готово, односно 82,7 милијарди ако се пресмета и долгот.
Неколку дена подоцна, Paramount Skydance излезе со непријателска понуда во вредност од 108,4 милијарди долари за целата компанија, директно предизвикувајќи го веќе потпишаниот аранжман со Netflix.
Договорот меѓу Netflix и Warner Bros Discovery е замислен како трансакција во два чекора. Прво, WBD се дели на две фирми. Во едната остануваат глобалните кабловски мрежи како CNN и Discovery каналите, кои ќе работат под името Discovery Global. Втората ја сочинуваат филмското студио Warner Bros, HBO и HBO Max, DC Studios, TNT Sports и огромната библиотека филмови, серии и игри. Токму тој дел преминува под контрола на Netflix, со комбинација од готовина и акции за сегашните акционери на WBD. Завршувањето на зделката е планирано за периодот од крајот на 2026 до почетокот на 2027 година, со одобрение од регулаторите во САД и во останатиот дел од светот.
Со овој потег, Netflix практично купува сто години холивудска историја. Во пакетот влегуваат франшизи како DC универзумот, Harry Potter, Game of Thrones, Lord of the Rings, Mad Max, Matrix, Looney Tunes и голем дел од анимираното наследство на Cartoon Network и Hanna-Barbera, но и моќниот гејминг бизнис Warner Bros Games со студија како Rocksteady и NetherRealm.
Paramount во контраофанзива
И токму кога изгледаше дека Netflix е победник во долгото надмудрување за WBD, Paramount Skydance на 8 декември објави дека покренува непријателска понуда кон акционерите на Warner Bros Discovery. Понудата е целосно во готовина, 30 долари по акција, што вкупно дава околу 108,4 милијарди долари и се однесува на целата компанија, за разлика од Netflix кој го купува само студискиот и стриминг делот.
Paramount тврди дека нивната понуда носи повеќе сигурни пари, поедноставна структура и побрзо регулаторно одобрување, додека договорот на Netflix носи поголем ризик поради концентрација на моќта во стримингот. Во заднина стојат силни финансиски и политички играчи – понудата на Paramount ја поддржуваат семејството Елисон, фондови од Персискиот Залив и инвестицискиот фонд Affinity Partners кој го води Џеред Кушнер. Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп јавно изразува сомнеж дека договорот на Netflix би можел да ја загрози конкуренцијата.
Управниот одбор на WBD формално и натаму го поддржува договорот со Netflix, но најави дека ќе ја анализира понудата на Paramount во согласност со обврските кон акционерите. Клучниот притисок сега доаѓа од два правца – од регулаторите кои мора да одлучат дали ќе дозволат ваква концентрација на пазарна моќ и од самите акционери на кои им е понудена повеќе готовина, но и поинаква визија за иднината на компанијата.
Што значи ова за гледачите?
За обичните корисници, на краток рок малку што се менува. Претплатите на Netflix, HBO Max и другите сервиси продолжуваат да функционираат како и досега, а процесот на регулаторно одобрување обично трае една до две години.
На долг рок, ако договорот со Netflix помине, гледачите ги чека радикално прераспоредување на понудата. Netflix на една платформа би ги споил сопствените хитови со франшизи како Batman, Harry Potter, Friends и Game of Thrones. Проценките велат дека комбинираната база на корисници би можела да надмине 420 милиони претплатници ширум светот, што од Netflix би направило убедливо најголем играч на стриминг пазарот.
Предноста за гледачите би била очигледна: огромна количина содржина на едно место, потенцијално атрактивни пакет-претплати и поголеми вложувања во нови филмови и серии, вклучително и во регионални проекти, бидејќи Netflix со години форсира локални продукции во Европа. Од друга страна, постои сериозен страв дека толку силен играч би можел да ги подигне цените на претплатата и да ги диктира условите за дистрибутерите, кината и продуцентите на содржина.
Особено нервоза чувствуваат сопствениците на киносали. Здружението Cinema United овој договор го нарекува закана без преседан за глобалната кино индустрија и предупредува дека, доколку Netflix насочи голем дел од идните Warner Bros филмови директно на платформата, во САД и Канада кино-приходите (box office) би можеле да паднат и до една четвртина. Netflix се обидува да ги смири тензиите со порака дека не го купил Warner за да ја уништи вредноста на кината и дека големите наслови и понатаму ќе одат во сали пред да стигнат на стриминг, но довербата е разнишана.
Реакции на актерите и синдикатите
Најгласно противење доаѓа од редовите на авторите и актерите, кои зад себе имаат свежо искуство од големиот штрајк во Холивуд. Синдикатите на сценаристи WGA East и WGA West во заедничка изјава тврдат дека ваквото спојување мора да биде сопрено и дека токму вакви мега-трансакции требало да бидат спречени со антитруст и антимонополски закони. Тие предупредуваат дека спојувањето на Netflix и Warner драматично ќе го намали бројот на купувачи за сценарија и серии и дополнително ќе го зголеми притисокот врз хонорарите и условите за работа.
Режисерскиот синдикат DGA зборува за значителна загриженост, особено поради можноста да се намали разновидноста на содржините и шансите за нови автори и режисери, додека актерскиот синдикат SAG-AFTRA истакнува дека секој договор мора да значи повеќе работа и повеќе продукција, а не помалку, со јасни гаранции дека студијата нема масовно да отпуштаат луѓе и да ги заменуваат со автоматизација и генеративни технологии.
Посебна тежина имаат зборовите на Џејн Фонда, која во авторски текст и во изјави за медиумите овој договор го нарече катастрофален бизнис потег што ѝ се заканува на целата филмска индустрија. Фонда предупредува дека концентрацијата на толку многу медиуми и платформи во рацете на една компанија не е само ризик за креативниот сектор, туку и за јавниот простор во кој се води политичка и општествена дебата.
За самите актери и автори, ова значи дека, во случај Netflix да го реализира преземањето, ќе имаат еден гигантски работодавач кој ги контролира и престижните HBO серии и голем дел од холивудските франшизи, но и сопствена глобална платформа. Некои веруваат дека тоа би можело да го олесни создавањето амбициозни проекти со постабилно финансирање, додека други стравуваат дека стандардизираниот алгоритамски пристап и постојаната потрага по „хитови“ уште повеќе ќе го задушат авторскиот филм и сериите што не се вклопуваат во очекуваните шаблони.
Пазарот и индустријата на раскрсница
Од бизнис аспект, станува збор за договор што може да ја прецрта досегашната мапа на глобалната медиумска индустрија. Аналитичарите проценуваат дека комбинираниот Netflix и Warner би контролирале околу 40 проценти од глобалниот пазар на претплатнички стриминг, што само по себе отвора сериозни прашања за американските и европските регулатори.
Финансискиот ризик исто така е огромен. Netflix прифати исклучително високи раскидни пенали. Доколку регулаторите на крајот го блокираат договорот, компанијата би морала да му исплати на Warner 5,8 милијарди долари, што е еден од најголемите пенали што некогаш се видени во вакви спојувања. Од друга страна, ако WBD сепак ја смени страната и ја прифати понудата на Paramount, тој ќе мора да му плати на Netflix околу 2,8 милијарди долари.
Берзата не сака вакво ниво на неизвесност. Акциите на Netflix во деновите по објавата на договорот и лансирањето на понудата од Paramount бележат пад, додека аналитичарите предупредуваат дека огромната задолженост и интеграцијата на сложениот студиски систем носат реален ризик за профитабилноста во наредните години.
Од перспектива на гледачите, актерите и индустријата, пораката е иста: ништо не се менува преку ноќ, но се одлучува како ќе гледаме филмови и серии во следната деценија. Ако Netflix успее да ја доврши оваа аквизиција, ќе добиеме гигант каков што Холивуд досега нема видено, со концентрација на содржина и моќ што многумина ја сметаат за опасна. Ако регулаторите или акционерите ја свртат приказната кон Paramount, светот ќе добие поинаква верзија на консолидација, со посилен традиционален студиски играч што се обидува да ги стигне стриминг лидерите.
Во двете сценарија, една работа веќе сега е јасна: војната за Warner Bros Discovery е знак дека ерата на бескрајно трошење на содржина и повеќе големи ривали во стримингот влегува во нова фаза, во која ќе опстанат само оние што имаат доволно содржина, доволно готовина и доволно политичко влијание. А последиците од тоа ќе ги почувствуваат сите од авторите во writers room-овите до гледачите што ја избираат следната претплата со далечинскиот управувач.
Извор: bizlife.rs