Новата Tetris Block Puzzle игра беше објавена ширум светот на Меѓународниот ден на Тетрис, кога истовремено се одбележа и 40-годишнината од појавувањето на оригиналната Тетрис игра.
„Знаеме дека многу играчи на Тетрис се традиционалисти и го негуваат искуството на играње на класичната игра, но исто така веруваме дека значаен дел од публиката сака да го искуси Тетрис на мобилни телефони, а на тој уред самиот чин на играње е многу порелаксиран“, истакна Ендру Паскал, ко-основач и извршен директор на Playstudios и додаде: „Игрите за мобилни телефони драстично се разликуваат од игрите од пред 40 години кога Тетрис ги доби своите први обожаватели. Нашата цел беше да ја комбинираме безвременската block-puzzle механика со модерни карактеристики кои се наоѓаат во моментално популарните игри. На тој начин создадовме игра која нуди поинтересно и подостапно искуство за поширока публика.“
Два начина на игра
Неодамна објавената игра Tetris Block Puzzle е осмислена да привлече најширок спектар играчи. Играта дебитира со два начини на игра, што ќе овозможи унапредувања во иднина. Adventure режимот на игра овозможува напредок по нивоа и мешавина од механики на играње, вклучувајќи валута во играта, цели, бустери и колекционерски предмети. High-score режимот на игра е осмислен за да ги поттикне играчите да ги надминат сопствените рекорди така што постојано ќе ги вклопуваат и бришат линиите додека не останат без потези.
„Од моментот кога се појави првиот тетримино, пред 40 години, сакаме да бидеме сигурни дека играчите се забавуваат и уживаат во безвременската магија на Тетрис, па во соработка со Playstudios ја објавивме Tetris Block Puzzle – игра која нуди совршено играчко искуство за прослава на нашата годишнина“, напоменува Маја Роџерс, извршен директор на Тетрис.
Тимот на Playstudios кој работеше на развојот на играта објаснува дека реакциите на обожавателите се одлични. Тахир Слезовиќ, менаџер за истражување и развој во Playstudios, истакнува дека се особено горди што развојот на Тетрис франшизата се одвива токму со поддршка на српската гејминг сцена.
Извор: BIZLife
Имаат лиценца за Тетрис
„Огромна е мотивацијата кога знаете дека работите на нешто како Тетрис. Тоа е една од најпрепознатливите игри на сите времиња. Playstudios има официјална лиценца за Тетрис и среќни сме што ни е укажана можност да развиваме нова игра во Тетрис светот“, заклучи Слезовиќ.
Иако Tetris Block Puzzle е целосно нова игра која нуди block-puzzle играчко искуство со препознатливи Тетрис елементи, Playstudios потсетува дека нивниот тим исто така развива традиционална Тетрис игра. Играчите сè уште можат да уживаат во оригиналното Тетрис доживување преку мобилната апликација на Тетрис. Тие на оригиналниот Тетрис му дадоа ново руво, кое ќе обезбеди подобро играчко искуство во согласност со постојните трендови.
Студиото за развој на видео игри Playstudios во Србија постои од 2021 година, кога беше отворена канцеларијата во Белград. Скоро 200 дизајнери, креативци, програмери и проектни менаџери работат на развој на POP! Slots, MGM Slots Live и Tetris игри.