Иако филмот е полн со култни сцени, токму тој „дигитален порој“ е еден од најтрајните визуелни мотиви и го прави Матрикс редок филм со почетна шпица која со право може да се нарече генијална. Изгледаше моќно и совршено го сумираше централното прашање на ремек-делото на сестрите Вачовски: Што ако ништо од ова не е вистинско? Што ако сè е програмирано?
Човекот зад кодот
Како што минуваше времето и филмот беше анализиран, се појави прашањето: од каде навистина потекнува тој прочуен код? Одговорот беше уште пофасцинантен од мистериите на филмот – во прашање биле рецепти за суши.
Заслугата е на Сајмон Вајтли, дизајнер на продукција во австралиското студио Animal Logic. Тој вели дека ја добил задачата откако Лана и Лили Вачовски ја отфрлиле претходната верзија на кодот, сметајќи ја за премногу традиционална и старомодна. Тие сакале нешто повеќе во јапонски, манга стил.
Вајтли, со помош на својата сопруга која е од Јапонија, почнал да прелистува купишта јапонски книги со рецепти што ги имале дома. Една збирка особено му привлекла внимание – и токму тие рецепти станале основа за легендарниот зелен код.
Во наредните недели Вајтли рачно ја исцртувал секоја јапонска буква, а неговиот колега Џастин Маршал ги дигитализирал и ги претворил во анимација. Првично, кодот течел одлево надесно, но Вајтли инсистирал да се сврти вертикално, бидејќи јапонските текстови често одат одозгора надолу. Така се родил култниот „дождовен код“.
Механичко и органско
„Филмот е многу машински ориентиран. Ми се допадна контрастот – нешто толку механичко, а кодот всушност извлечен од нешто органско и слободно, како рецепти за храна“, објаснува Вајтли за The Wired.
Иронично, од сите проекти на кои работел (Lego Ninjago, Питер Зајак), токму едноставниот код од Матрикс стана неговото најпознато и најтрајно дело.
Но, кои точно рецепти се користени? Вајтли сè уште одбива да открие.
„Не сакам да кажам затоа што тоа е последниот дел од магијата“, признава.
Открил само дека не станува збор за класична книга, туку за списание – „нешто што речиси секое јапонско семејство го има дома на полица“.
Но сепак, ни Јапонците не би можеле така лесно да подготват суши според кодот од филмот. Причината е што оригиналот бил напишан во хирагана и канджи, додека Вајтли го стилизирал во катакана – писмо што обично се користи за странски зборови. Неговата сопруга дури се шегува дека можеби сепак станува збор за рецепт за теријаки или рамeн, а не за суши.
И така, повеќе од две децении подоцна, падот на зелените знаци останува исто толку мистериозен како и самата приказна на филмот – зачинет со доза од јапонската кујна.
Извор: web-mind.rs