Microsoft го напушта бордот на OpenAI

Компанијата Microsoft одлучи да го напушти своето место како набљудувач во бордот на OpenAI, справувајќи се со зголемената регулативна контрола од двете страни на Атлантикот. Компанијата наведе дека управувањето со бордот значително се подобрило во последните осум месеци, правејќи го нивното учество непотребно.

microsoft go napushta bordot na openai

Извор: DALL-E3

Apple неодамна најави интеграција на ChatGPT четботот на OpenAI во нивните уреди и се очекуваше  да ја преземе улогата на набљудувач во бордот, но сега за сега од компанијта одлучија да ја одбијат таа позиција.

Одлуката на Microsoft да се повлече од местото без право на глас во бордот на OpenAI, изгледа дека е стимулирана од загриженоста поради можни антитруст истраги. Wall Street Journal извести дека Microsoft ја  наведе стабилноста на бордот како причина за повлекувањето, пренесува порталот Barrons.

„Благодарни сме на Microsoft за довербата во нашиот борд и насоките на компанијата, и се радуваме на продолжувањето на успешното партнерство,“ изјави портпаролот на OpenAI во е-порака.

Microsoft стекна место без право на глас во бордот на OpenAI во ноември, откако Сам Алтман беше отстранет, а потоа брзо вратен на позицијата на извршен директор на компанијата. OpenAI, структурирана како непрофитна организација со профитен органок, ќе продолжи да одржува редовни средби со клучни партнери како Microsoft и Apple, за да споделува информации за напредокот.

Во почетните извештаи се наведуваше дека Apple ќе добие место без право на глас во бордот на OpenAI како дел од договорот за понудата на ChatGPT на нивните уреди. Сепак, изворите блиски до ситуацијата велат дека Apple на крајот нема да добие место во бордот.

Ниту Microsoft, ниту Apple не одговорија на барањата за коментар. Акциите на Microsoft се зголемиле за 0,5% во предпазарната трговија, додека акциите на Apple пораснале за 0,2%.

Изгледа дека обидот за балансирање на интересите на партнери како Apple и Microsoft преку место во бордот станал премногу комплициран за OpenAI. Сепак, одлучувачкиот фактор веројатно била загриженоста околу антитруст правилата, особено откако повеќе регулатори низ светот го истражуваат односот помеѓу Microsoft и OpenAI.

„Не е тешко да се заклучи дека одлуката на Microsoft да излезе од одборот беше под силно влијание на зголемената контрола врз големите технолошки компании и врз нивните врски со стартапите со вештачка интелигенција“, рече Алекс Хафнер, партнер за конкуренција во британската адвокатска фирма Fladgate. „Јасно е дека регулаторите се многу фокусирани на сложената мрежа на меѓусебни односи што Big Tech ја создаде со компаниите што развиваат вештачка интелигенција, па оттука и потребата Microsoft и другите внимателно да размислат како ги структурираат овие аранжмани понатаму“, пренесе Time.

Двете компании тврдат дека функционираат независно и дека Microsoft не ги контролира операциите на OpenAI.

Microsoft веќе започна да ја  намалува својата зависност од OpenAI со основање на конкурентна интерна AI единица. На почетокот на оваа година, Мустафа Сулејман е именуван за извршен директор на Microsoft AI, кој одговара на извршниот директор Сатија Надела. Сулејман дојде од Inflection AI, каде што бил извршен директор и соосновач, заедно со неколку други членови од истата компанија.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.