Според Секретаријатот на ЦЕФТА, во Србија ознака „АЕО“ стекнале 51 компанија, во Косово и Албанија по 10, а во Црна Гора четири.
„Безбедноста и ефикасноста на синџирот на снабдување се многу важни во процесот на меѓународната трговија. Еден од клучните инструменти за постигнување на овие цели е статусот на Овластен економски оператор (АЕО). Станува збор за програма која ја воведе Светската царинска организација (WCO), а која обезбедува бројни предности за компаниите кои го имаат овој статус во нивното работење со странство“ се вели во соопштението на ЦЕФТА.
АЕО статусот се темели на партнерството меѓу царината и бизнисот. Претставува меѓународно призната ознака за доверливост и потврда за усогласеност со високите регулаторни стандарди, благодарение на која се овозможува побрза, поевтина и поефикасна трговска размена меѓу економските субјекти.
„Воведувањето на програмата за овластен економски оператор позитивно влијае на бизнис средината и донесува бројни придобивки како за компаниите, така и за општеството во целина“ се додава во соопштението.
Во рамките на ЦЕФТА договорот, основните принципи на АЕО програмата се утврдени со Дополнителниот протокол 5 (AP 5). Оваа програма е отворена за сите учесници во синџирот на снабдување, вклучувајќи производители, увозници, извозници, шпедитери, компании кои се занимаваат со логистика и транспорт.
„Може да се додели за царински поедноставувања (AEOC), безбедност и сигурност (AEOS) или комбинација на двете. Во Анексот III на Дополнителниот протокол 5 на ЦЕФТА детално се регулирани критериумите за добивање на статусот, придобивките за носителите на овој статус, правилата за суспензија, повлекување, како и одбивање и поништување на АЕО статусот за страните на ЦЕФТА, додека со одлуката на ЦЕФТА е воспоставена процедура за валидација за признавање на АЕО програмата во рамките на ЦЕФТА“ се вели во соопштението.
Ова значи, како што е објаснето, дека кога програмата АЕО на една страна на ЦЕФТА, која ја спроведува една царинска управа, е валидирана и оценета како усогласена со практиките на ЕУ од страна на телата на ЦЕФТА, компаниите со АЕО статус (за безбедност и сигурност) можат без дополнителни процедури и трошоци да ги користат сите придобивки на овој статус на сите ЦЕФТА пазари.
„Придобивките што ги обезбедува статусот на овластен економски оператор (АЕО) се бројни. Со добивањето на овој статус, кој претставува највисок степен на соработка и партнерство меѓу царината и бизнисот, а во согласност со највисоките стандарди на Европската унија, економските субјекти се препознаваат како сигурни партнери и со тоа стекнуваат право на користење на поголем број придобивки во царинските постапки“ велат од ЦЕФТА.
Како што е прецизирано, првата од нив е забрзување на царинските процедури. Овластените економски субјекти имаат приоритет кога станува збор за контролите, што значи и заштеда на време, со оглед на тоа што чекањето на границите е сведено на минимум. Тоа автоматски доведува и до намалување на оперативните трошоци, вклучувајќи складирање и транспорт.
„Компаниите со АЕО статус се предмет на помал број контроли, што го намалува застојот во работењето“ се додава во соопштението.
Овој статус, меѓу другото, носи и препознатливост на теренот бидејќи укажува на тоа дека станува збор за компанија која е доверлив партнер на царинската служба. Таа ги исполнува високите стандарди за безбедност, што го зголемува довербата на партнерите и го намалува ризикот од загуби или штети за време на транспортот.
„Сето наведено јасно покажува дека на овластените економски субјекти им се овозможува полесно позиционирање и подобро работење како на домашниот, така и на регионалниот пазар“ се вели во соопштението.
АЕО статусот го добиваат економските субјекти кои ги исполнуваат строгите критериуми дефинирани соодветните закони.
„Еден од условите што е потребно да се исполни за одреден економски субјект да го добие овој статус е отсуство на какви било сериозни повреди или повторени прекршувања на царинските закони и даночните правила, вклучувајќи и непостоење на евиденција за сериозни кривични дела поврзани со економските активности на подносителот на барањето“ изјавуваат од ЦЕФТА.
Економските субјекти исто така треба да покажат висок степен на контрола врз своите операции и протокот на стоки преку систем за управување со комерцијалните и каде што е соодветно транспортните евиденции, кои овозможуваат соодветни царински контроли.
„Неопходно е компанијата да има и финансиска солвентност, која се смета за докажана кога подносителот на барањето има добра финансиска положба, што му овозможува да ги исполни своите обврски со почит кон карактеристиките на видот на деловната активност“ се вели во соопштението.
Во рамките на ЦЕФТА моментално има над 250 компании кои се носители на статусот AEO.