Вештачката интелигенција го промени начинот на кој работиме, учиме и комуницираме – но најновата студија на OpenAI и MIT Media Lab отвора важно прашање: може ли ChatGPT да стане преголем дел од нашите животи?
ChatGPT како емоционална поддршка
Во анализата на милиони разговори и преку анкети со илјадници корисници, истражувачите открија загрижувачки тренд. Тие што поминуваат најмногу време со ChatGPT – таканаречените „power users“ – не го користат само како алатка за кодирање, пишување мејлови или решавање проблеми. Напротив, сè почесто му се обраќаат за утеха, совет, па дури и разговор во моменти на осаменост.
На прв поглед, оваа блискост со ВИ може да изгледа безопасно, па дури и корисно. Сепак, кај одреден број корисници се развиваат обрасци на однесување слични на зависност: преокупираност, губење контрола, чувство на нервоза кога не можат да пристапат до чет-ботот, како и емоционални реакции на промени во неговото однесување, се вели на порталот Futurism.
Интересно е што токму корисниците кои го користат ChatGPT за неперсонални цели – како за brainstorming, истражување и деловна комуникација – покажале поголема емоционална поврзаност отколку оние кои отворено споделуваат лични информации. Причината може да лежи во очекувањата: кога ВИ постојано нуди брз и смислен одговор, корисникот создава чувство на доверба што лесно преминува во зависност.
Зависност слична на онаа од социјалните мрежи
Стручњаците предупредуваат дека ваквите модели би можеле да ја преземат улогата што денес ја имаат социјалните мрежи – извор на допамин, внимание и илузија дека не сме сами. Проблемот настанува кога дигиталната интеракција почнува да ги заменува вистинските односи, а корисниците стануваат емоционално врзани за алгоритам кој не е способен за вистинска емпатија.
Иако вештачката интелигенција има огромен потенцијал да го подобри нашиот живот, важно е да поставиме јасни граници. Во време кога сè повеќе луѓе се преоптоварени, осамени и под стрес, ChatGPT не треба да биде замена за автентичните човечки односи – туку алатка што ја користиме свесно, одговорно и со доза претпазливост.
Извор: Web-mind.rs