Секој што има iPhone знае дека таа мала, по малку досадна порака автоматски се појавува на мејловите испратени од телефонот. На прв поглед може да изгледа како суптилно фалење дека користите Apple уред, а не Android. Сепак, излегува дека оваа опција постои од сосема друга причина, всушност ви прави услуга. Тоа е важно да се знае, особено затоа што многумина од нас испраќаат деловни мејлови од телефон надвор од работното време.
Неодамнешно истражување спроведено на 2.000 возрасни лица во Велика Британија покажа дека 30% од испитаниците на возраст од 18 до 34 години го проверуваат деловниот мејл во кревет, додека 19% од нив и одговараат на тие пораки. Токму затоа што многумина испраќаат мејлови од воз или за време на вечера, ознаката „Sent from my iPhone“ всушност има смисла.
Објаснувајќи ја логиката зад тоа и повикувајќи ги луѓето да го задржат потписот на Apple, Роб Ештон, основач на компанијата за обуки Emphasis, рече:
„Краткиот одговор на прашањето дали треба да го напишете ‘Sent from my iPhone’ гласи: да, треба. Или барем треба да назначите дека пораката ја испраќате од мобилен уред.“
Тој додаде: „Причината, меѓутоа, е посложена. Тоа е клучот што ја отклучува фасцинантната област на науката за комуникација. Познавањето на тие принципи може да ви помогне да унапредите сè, од одговорот на корисничка рекламација до понуда за повеќемилионски договор.“
Една студија во која учествувале 111 испитаници покажа дека, кога порака полна со грешки на крајот го содржи потписот „Sent from my iPhone“, тоа го ублажува негативниот впечаток. Луѓето биле посклони да ги простат грешките, особено во деловен контекст.
Ако ова сепак не ве убеди да го задржите овој потпис, постои начин да го исклучите.
Потребно е да одите во „Settings“ на телефонот, потоа во „Mail“, па во „Signature“. Таму можете да го избришете стандардниот потпис од полето за текст. Можете да го оставите полето празно или да внесете сопствен потпис.
Извор: bizlife.rs