Регионалниот фонд за предизвици доделува 495.350 евра за Северна Македонија на четвртата церемонија за грантови

СКОПЈЕ, 27 април 2026 година – Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) денеска ја одржа својата четврта национална церемонија за доделување грантови во Северна Македонија, во просториите на Стопанската комора на Северна Македонија во Скопје. Настанот ги обедини националните и меѓународните партнери, а на него присуствуваа претставници на институциите, бизнис-лидери, едукатори и претставници на РЦФ.

rcf-5599-fi

Извор: РЦФ

Овој настан беше можност да им се оддаде признание на луѓето и партнерствата што ја обликуваат иднината на професионалните вештини во Северна Македонија. Г. Азески, претседател на Комората, го следеше развојот на партнерствата на RCF низ целиот пејзаж на стручното образование и обука во земјата.

„Денеска сакам да се заблагодарам на претставниците на Амбасадите коишто се тука и на заедницата на Коморскиот инвестициски форум. Јас можам да кажам дека Коморскиот инвестициски форум ја смени целокупната слика во нашите размислувања. Мислам дека направивме многу за развој на бизнисот на Западниот Балкан. Најмногу на нашето поврзување и заеднички настап пред трети пазари, коишто го поттикнаа вработувањето на компаниите во сопствениот развој“ – г. Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија.

Низ четири отворени повици, РЦФ додели вкупно 7,63 милиони евра за 17 проекти во Северна Македонија, вклучувајќи 91 партнерска компанија заедно со установите за стручно образование.

Само четвртиот повик привлече 187 изрази на интерес од целиот Западен Балкан, од кои 14 беа од Северна Македонија. По конкурентниот процес на селекција, еден проект доби грант во износ од 495.350 евра. Финансирањето ќе поддржи надградба на инфраструктурата за обука во избраната установа за стручно образование и обука, и проширување на нејзината програма за кооперативна обука.

rcf-5599-ps1

Извор: РЦФ

Покрај финансиските придонеси, Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, се осврна на подлабоката мисија на Регионалниот фонд за предизвици – да негува вештини кои ќе осигурат дека Западен Балкан ќе остане витален и отпорен дел од европското семејство:

„Мораме да ги зајакнеме локалните економии, да инвестираме во вештини и да градиме синџири на снабдување кои се помалку ранливи на глобални нарушувања. Како Германија, заедно со Швајцарија, горди сме што го поддржуваме ова партнерство. Им благодарам на сите наши партнери за нивната силна посветеност. Заедно градиме посилна Европа.“ – г-ѓа Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во Северна Македонија.

rcf-5599-ps2

Извор: РЦФ

Г-ѓа Михал Харари, заменик-шеф на мисијата на Швајцарската амбасада, укажа на пошироката амбиција зад швајцарскиот придонес во Фондот – не само во инфраструктурата, туку и во видот на соработка помеѓу училиштата и работодавците што на младите им дава вистинско место на пазарот на труд.

„ Соработката меѓу образовните институции и приватниот сектор им овозможува на младите да стекнат вештини што се усогласени со потребите на компаниите, отворајќи им пристап до поквалитетни работни места и создавајќи поконкурентен приватен сектор со квалификувана работна сила. Швајцарија останува посветена на соработката со Северна Македонија во оваа насока “ – г-ѓа Михал Харари, заменик-шеф на мисијата на Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија.

Церемонијата исто така го истакна усогласувањето на РЦФ со националните приоритети за реформи во образованието. Г-ѓа Весна Јаневска, министерка за образование и наука на Северна Македонија, се залага за поцврсти врски меѓу формалните системи за стручно образование и обука и приватниот сектор.

„Учениците ја препознаа вредноста да влезат на пазарот на труд или во високото образование подготвени, не само со теоретско, туку и со практично знаење. Затоа и бројот на ученици во дуалните паралелки во средните стручни училишта од година во година е сѐ поголем. Им благодарам и на германската и на швајцарската амбасада што се промени перцепцијата за средните стручни училишта“– г-ѓа Весна Јаневска, министерка за образование и наука на Северна Македонија.

Извор: РЦФ

Истакнувајќи ја трајната вредност на професионалното мајсторство, Мориц Реме, директор на Канцеларијата на Германската банка за развој во Северна Македонија и Косово, потенцираше зошто човечката вештина останува крајната конкурентска предност во ерата на вештачката интелигенција (AI):

„Влегуваме во ера обликувана од брзи технолошки промени, вклучувајќи го и подемот на вештачката интелигенција. Мислам дека во овој развој вештите работници остануваат не само релевантни, туку и неопходни. Иако вештачката интелигенција ја подобрува ефикасноста, таа не може да го замени практичното искуство, практичното расудување и човечката приспособливост во реални услови. Вештачката интелигенција сè повеќе ќе служи како алатка за поддршка на таквата работа, но нема да ја замени.“ – г-дин Мориц Реме, директор на Канцеларијата на Германската банка за развој во Северна Македонија и Косово.

На затворањето на настанот беше испратена јасна порака: вистинските промени се случуваат преку соработка. Со секое ново партнерство што го поддржува, Регионалниот фонд за предизвици помага во создавањето работна сила која е подобро подготвена, поадаптибилна и поблиску усогласена со потребите на економијата – создавајќи трајни можности и за бизнисите и за следните генерации.

За Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ):

Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) е финансиска институција која има за цел зголемување на  конкурентноста на претпријатијата во Западен Балкан 6 преку финансирање инвестиции во опрема и  инфраструктура за проекти за дуално и стручно образование изработени во партнерство на установи за стручно образование и претпријатија. Грантовите се доделуваат по пат на конкурентен регионален предизвик.

Германското сојузно министерство за економска соработка и развој додели 73,4 милиони евра на РЦФ, а швајцарската влада застапувана од страна на Швајцарската агенција за соработка и развој (SDC)  кофинансираше дополнителни 10 милиони евра. Средствата беа доделени на kfW Развојната банка, а реализирани од страна на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6 (ЗБ6–КИФ), како заедничка иницијатива на стопанските комори од регионот. Фондот е имплементиран од страна на консталтинг конзорциуми.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.