Од миленик на интернетот до мета на критики: како Педро Паскал стана „too much“

Го запознавме како бестрашен заштитник во The Last of Us, го засакавме на црвениот тепих, воздивнувавме поради неговата емоционална топлина и колективно одлучивме дека Педро Паскал не е само актер туку главното момче на интернетот.

pedro-5038-fi

Извор: Annette Riedl/dpa via AP

Споделувавме мемиња, едитиравме интервјуа, пишувавме „крал“ под секоја фотографија. Педро беше насекаде и никому тоа не му пречеше. А потоа, по добро познатиот образец што социјалните мрежи неуморно го повторуваат следеше контраудар.

Во деновите пред премиерата на филмот Fantastic Four: First Steps, Педро даде интервју за Men’s Health, во кое отворено зборуваше за својата анксиозност и за потребата, во тешки моменти, да се потпре на блиските луѓе.

„Секогаш сум човек што им се обраќа на другите кога ми е тешко“, рече тој, додавајќи дека контактот со пријателите и семејството отсекогаш му бил прибежиште.

Токму таа ранливост, која до вчера беше обожавана, стана мета.

Од топлина до „непријатност“

На снимка од црвениот тепих, Педро ја допира раката на колешката Ванеса Кирби додека заедно позираат пред фотографите. Многумина тој гест го препознаа како неспретен обид да се намести за фотографија затоа што, да бидеме искрени, кој од нас точно знае што да прави со рацете во такви моменти?

Но за анти-транс активистката Пози Паркер, тоа беше повод да го исмее на мрежите и да го вклучи меѓу „проблематичните мажи на Холивуд“. Во наредните денови, социјалните мрежи беа преплавени со коментари што анализираа „како ги допира колешките“, „колку често гушка“, па дури и дали неговата емоционална достапност делува – пресметано.

Ист образец, поинаква мета

Ако сето ова ви звучи познато – тоа е затоа што веќе сме го правеле. Со години наназад. Џенифер Лоренс од „кул девојката со која би пиеле пиво“ стана „напорна и лажна“. Ен Хатавеј со Оскарот во рака беше прогласена за „претерана“. Тејлор Свифт, во секое ново издание, прво добива аплауз, а потоа и осуда.

Заедничко за сите нив е тоа што се – жени кои станале премногу присутни. Нивната отвореност станала досадна, нивната самодоверба – надмена. Но Педро Паскал не е жена. И токму затоа овој момент делува поинаку.

Емоциите кај мажите: дозволени, но со граница

„Вината“ на Педро е во тоа што е нежен. Што е отворен. Што на јавна сцена покажува особини што на мажите во Холивуд ретко им се дозволуваат – емоционална писменост, физичка блискост, искреност. Наместо тоа да го гледаме како освежување, интернет-публиката одлучи токму тоа да му го замери.

И тоа без какви било конкретни обвинувања, без изјави од колешки за непријатност, без скандали. Ванеса Кирби јасно изјави дека Педро, во момент на трема на Comic-Con, ѝ понудил поддршка со стискање на раката – и дека тоа многу ѝ значело.

Од обожување до „премногу“

Така, ни криви ни должни, стигнавме до моментот кога Педро Паскал се обвинува дека е „претерано нежен“, дека „премногу допира“, дека „делува пресметано“. Интернетот одлучи дека токму она поради што го засакавме – сега е негова маана.

А можеби треба да се запрашаме зошто толку брзо го менуваме мислењето. Зошто бараме ранливост од познатите – за да ја казниме штом стане „премногу“? Зошто не знаеме да направиме разлика меѓу блискост и вознемирување? И зошто, одново и одново, се враќаме на истиот, токсичен образец?

Педро Паскал е актер што промовира филм. Човек што со децении имал мали улоги, без помпа, без скандали. Првата вистинска шанса ја добил во четириесеттите – и сега го живее својот момент.

Ако неговиот најголем „прекршок“ е тоа што малку подолго се задржал на нечие рамо, што спомнал терапија или што не знае каде да ги стави рацете додека позира – можеби ние сме тие што треба да се погледнеме во огледало. Затоа што, ако сме го засаκале поради ранливоста, ајде поради истата да не го распнуваме.

Извор: bizlife.rs         

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.