Мали тајни за величествена елка што се вклопува во вашиот простор

Дали да ја повторите минатогодишната декорација или да пробате нешто ново? Како да ги вклопите старинските, кревки украси што сакате да ги изложите, но стравувате да не се скршат?

tajnielka-5061-fi

Извор: easylife.rs

Црвено и златно или сребрено и сино? Или шарено и весело? Украсувањето на елката, на кое сите толку му се радуваат, делува позабавно отколку што навистина е, кога ќе се соочите со кутии полни украси, детска нетрпеливост и дилеми.

Без разлика дали сакате да ги воодушевите гостите или само сакате малку новогодишна магија во вашиот дом, мора да размислувате за бројни практични прашања. Но, со практикување на мали дизајнерски тајни за ефектна и усогласена декорација, на крај ќе му се восхитувате на сопственото дело.

Мали тајни за совршено украсување на елката

Однапред одберете стил на украсување
Всушност, размислете за целокупниот декор, за елката да делува усогласено со просторот. Нема недостиг од опции кога станува збор за украсување на елката и домот. Само треба да знаете што сакате. Пред сè, дали сакате природна или вештачка елка? Ако изберете природна, поради мирисот и автентичноста, ќе сакате да додадете и неколку гранчиња и шишарки во остатокот од декорот, за да имате усогласена атмосфера. За почеток, смислете неколку придавки со кои би ја опишале вашата декорација елегантна, разиграна, класична, блескава?

Кога ќе ги имате придавките, можете да ги пребарувате на интернет за да најдете инспирација за украсување на вашата елка во тој стил.

Изберете бои за украсување на елката
Не мора да се држите само до зелената и црвената боја за декорација на божиќната елка. На крајот на краиштата, тоа е вашата елка, па можете да ја украсите со кои било бои што вашето срце ги посакува. Сепак, ако имате одредена намера со боите што ги избирате, вашата елка ќе изгледа естетски обликувана. Добар совет е да се ограничите на три до четири бои, за елката да делува кохерентно и впечатливо.

На пример, ако се одлучите за црвена и бела како основни бои (врз постојната зелена), златните акценти можат да помогнат да се заокружи изгледот. Или можете да се одлучите за нешто полуксузно и помодерно, со златна, сребрена, црна и бела шема на бои. Ако сакате нешто понежно и помалку традиционално, одберете пастелни бои, како светлосина, виолетова или розова, измешани со сребрена.

Исто така, размислете кои бои ви се допаѓаат и кои најдобро се вклопуваат со вашиот мебел, стил и други украси.

Подготовка и украсување на елката
Ако сте набавиле природна елка со корен, поставете ја во соодветен сад и дајте ѝ малку време да се адаптира. Погледнете како ѝ се распоредени гранките, за да ги воочите местата што треба да се пополнат или премостат. Вештачките елки во тој поглед се многу поблагодарни. Само треба да ги извадите од кутијата, да ги истресете од прашина, да ги монтирате и да ги разграните гранките.

Потоа започнете со украсување на елката и тоа на целата елка. Немојте да ја правите вообичаената грешка и да го украсувате само делот свртен кон собата. Украсете ја во целиот обем, за да добиете впечаток на длабочина и исполнетост.

Започнете одвнатре кон надвор, за внатрешноста да не остане празна. Можете најпрво да ги обвиткате герландите околу стеблото и со нив да ги пополните празнините што сте ги забележале. Округлите стаклени украси можете да ги поставите подлабоко во елката, за да додадете повеќе сјај. На краевите од гранките закачувајте помали и полесни украси, кои нема да ги влечат врвовите на гранките надолу. Завршете со тоа што ќе ја опкружите елката со чипкасто поставени ленти со снегулки, перлички, ѕвончиња. Или наместете ги така што да се слеваат од врвот кон дното.

Избегнете украсување на долните гранки
Долните гранки се исклучок од правилото за украсување на целата елка. За долниот дел од елката да делува урамнотежено, тука немојте да закачувате украси што висат. Тоа ја нарушува целокупната рамнотежа и визуелно делува како украсите да испаѓаат од елката. Наместо тоа, долните гранки можат да носат богати срми, кои и понатаму се лесни, а обезбедуваат полнотија и завршна рамка за висечките украси.

Размислете за постаментот
Без разлика дали имате огромна елка што стои на подот или помала што ја поставувате на масичка, важно е во што и на што стои. Вештачките елки имаат сопствени постаменти, но тие делуваат празно и треба да се прикријат. Секогаш можете да обвиткате зелени гирланди или светкави срми околу постаментот, но можете и да ја ставите елката со постаментот во плетена корпа или соодветна кутија, пред да започнете со украсувањето.

Персонализирано украсување на елката
Вашата елка и не треба да изгледа како од излог или каталог туку треба да ве одразува вас и вашето семејство. Додадете мали детали што ќе ја направат елката посебна. Тоа може да значи додавање на оние старински украси што внимателно ги чувате, или некои нови магични украси што сте ги избрале со децата, или декорации што сте ги направиле заедно.

Додавањето лични детали што носат емоционална порака ќе помогне во создавањето драгоцени спомени и традиции на кои ќе можете да им се радувате секоја година.

Извор: easylife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.