Соларниот воз Quebrada Solar Train, кој беше пуштен во сообраќај во јуни 2024 година, минува низ живописната долина Квебрада де Хумахуака (Quebrada de Humahuaca), која се наоѓа на листата на светско културно наследство на UNESCO. Оваа област со векови ги поврзувала народите на Андите, а денес на патниците им нуди спој на одржлив туризам, импресивна природа и богато културно наследство.
Патување низ историјата долга 10.000 години
Трасата долга 42 километри минува низ историските села во аргентинската провинција Хухуј (Jujuy): Волкан, Тумбаја, Пурмарка, Маимара и Тилкара, заедно со станицата Хорниљос – некогашно одморалиште за трговците, кое денес е претворено во музеј.
По овој пат уште околу 9000 година пред новата ера минувале ловци и собирачи, подоцна домородни трговци, гласници на Инките, шпански колонизатори и железнички работници. Денешните патници практично следат дел од познатиот Капак Нјан (Qhapaq Ñan), мрежата на патишта со која некогаш било поврзано огромното царство на Инките, од денешна Колумбија па сè до Аргентина и Чиле.
Тивко патување низ планините со илјадници бои
Возот се движи со брзина од само 33 километри на час, што на патниците им овозможува без брзање да уживаат во прекрасните пејзажи.
Панорамските прозорци нудат неверојатен поглед на црвените кањони, кактусите, планинските врвови и долината која постојано се менува. Благодарение на тоа што оваа област има повеќе од 300 сончеви денови во годината, композицијата речиси нечујно минува низ пределите карактеристични по своите земјени тонови, стрмни карпи и планини со неверојатни бои.
Една од најголемите атракции на рутата е Ридот на седумте бои (Cerro de los Siete Colores) над селото Пурмарка, каде на карпите се менуваат нијанси на розова, црвена, виолетова, портокалова и окер боја.
Одржлив туризам во служба на локалните заедници
Идејата на овој проект не е само развој на туризмот, туку и зачувување на животот во традиционалните андски заедници. Локалните власти очекуваат дека приходите ќе им помогнат на младите да останат на земјата на своите предци, со зачувување на вредностите кои со векови го обликувале животот во овој крај – почитта кон Пачамама (Мајката Земја), рамнотежата со природата и взаемната помош.
На секоја станица патниците имаат доволно време за истражување:
- Во Тумбаја можат да се видат куќи градени од ќерпич (цигли сушени на сонце), со техника која локалните водичи велат дека се пренесува со колена на колено повеќе од илјада години.
- Пурмарка е позната по занаетчиските дуќани во кои се продаваат понча, ќебиња и појаси од волна од лама, ракотворби од глина, ламби од кактус и листови од кока, кои имаат важна улога во локалните обичаи.
Локален обичај:
Долж планинските патеки можат да се забележат таканаречени апачети, мали камени купови на кои луѓето оставаат листови од кока, цигари или други ситни подароци како симбол на благодарност кон Пачамама и молитва за среќен пат.
По стапките на трговците и Инките
Една од станиците ги води патниците до Музејот на поштата Хорниљос, сместен во зграда од далечната 1772 година. Таа некогаш служела како клучна точка за одмор на трговците и куририте на патот меѓу Буенос Аирес и Горно Перу (денешна Боливија).
Музејската поставка ја прикажува целата историја на долината, од првите номадски заедници, преку народот Омагуака кој оттука пренесувал сол и керамика, па сè до Инките кои ги поплочиле патиштата и шпанските колонизатори кои ја претвориле оваа рута во важен трговски правец.
Quebrada Solar Train е одличен доказ за тоа како одржливиот туризам може да ги спои модерната еколошка технологија и богатата историја. Наместо брзо „трчање“ низ знаменитостите, патниците добиваат ретка можност да забават и да го запознаат крајот во кој природата, културата и секојдневниот живот речиси воопшто не се промениле со векови.
Извор: odrzime.rs