Во градот Еш, во Луксембург, започна пилот-проект за воведување на два автономни електрични шатл-автобуси, кои ќе сообраќаат на релација долга пет километри, во работни денови од девет до петнаесет часот, како дополнување на вообичаените опции за превоз.
Шатл автобусите се опремени со високотехнолошки сензори, ласерски системи и уреди за детекција на пречки, со цел да се обезбеди безбедност на патниците и пешаците. Максималната брзина изнесува 25 километри на час.
Иако возилата функционираат без возач, сепак регулативата бара во овие автобуси да биде присутна и личност која ќе може да реагира во случај на непредвидени ситуации.
Рутата ја поврзува железничката станица со универзитетот и средното училиште, што укажува на намерата шатл-автобусите да се користат како дел од интегрираниот систем на јавен превоз, особено во зони со голем проток на студенти и патници.
Целта на проектот не е да ги замени или да им конкурира на постојните средства за транспорт, туку да ги надополни, односно да понуди дополнителна, еколошка и паметна опција што ќе го унапреди урбаниот сообраќај и ќе ја зголеми достапноста на движење во градот, беше објавено на Instagram профилот Cflinfos.
Извор: web-mind.rs