Што се случува со вашите податоци доколку престанете да плаќате за cloud?

Ако одамна не сте направиле пресметка колку дигитални претплати моментално плаќате, веројатно ќе се изненадите. Стриминг сервиси, софтверски пакети, игри, AI алатки, паметни часовници за здравје и фитнес... списокот е долг, a на тој список секако треба да го додадете и cloud просторот.

cloud-4133-fi

Извор: Freepik

Компании како Apple, Google и Microsoft нудат многу малку бесплатна меморија во cloud – доволно само за основни работи. Тоа значи дека ако сакате сигурен backup и пристап до датотеките од сите уреди, најчесто ќе мора да плаќате месечна претплата.

Но што се случува ако одлучите дека веќе не сакате да плаќате?
Можеби сте нашле подобра и поевтина опција (а такви има многу). И тогаш се поставува логичното прашање: што ќе се случи со сите оние податоци што со години сте ги чувале во cloud?

Во продолжение ви ги пренесуваме правилата на четирите најпопуларни cloud сервиси и што точно се случува кога ќе ја откажете претплатата – плус што треба да направите пред да притиснете „Откажи претплата“.

Apple iCloud

Претплатата на iCloud започнува од 0,99 долари месечно за 50 GB меморија, со дополнителни услуги како „Hide My Email“. Можете да ја управувате претплатата преку iPhone (Settings → Вашето име → Subscriptions) или Mac (System Settings → Вашето име → iCloud).

Ако ја откажете претплатата, се враќате на бесплатните 5 GB. Ако имате повеќе од тоа, нема да можете да правите нови backup-и ниту да синхронизирате нови податоци додека не ослободите дел од просторот.

Apple не дава прецизен одговор што се случува со веќе зачуваните податоци. Во документите пишува дека тие остануваат достапни „само за читање“, но не се дава гаранција. Условите на користење наведуваат дека ако 180 дена не направите нов backup, Apple го задржува правото да ги избрише старите податоци – вклучително и фотографии и видеа.

Со други зборови – ништо нема да се случи веднаш, но сепак е најпаметно навреме да ги преземете важните податоци и да ги зачувате локално.

Google One

Претплатите на Google One почнуваат од 1,99 долари месечно за 100 GB. Управувањето се врши преку Google One dashboard.

По откажувањето, се враќате на бесплатните 15 GB кои се споделуваат меѓу Gmail, Google Photos, Google Drive и други Google апликации. Ако ја надминете таа квота, апликациите нема да функционираат правилно – нема да можете да праќате е-пошта, да правите документи или да додавате фотографии.

Google наведува дека податоците кои го надминуваат лимитот „може да бидат избришани“. Тука повторно стои „може“, а не „ќе бидат“.

Добрата вест е дека имате дури две години да ги преземете податоците пред да бидат потенцијално избришани. Дотогаш, ако не ослободите простор или не преместите дел од датотеките, Gmail и другите сервиси ќе бидат речиси неупотребливи. Сè можете да преземете преку алатката Google Takeout.

Microsoft OneDrive

И OneDrive, како и другите, нуди дополнителни услуги со претплатата, како Microsoft Office пакет. Основниот план чини 1,99 долари месечно за 100 GB.

Кога ќе ја откажете претплатата, се враќате на бесплатните 5 GB. Ако сте над тој лимит, нема да можете да додавате нови фајлови. Постоечките остануваат, но само за преглед. Не можете да испраќате пораки преку Outlook.com ниту да користите Teams за праќање фајлови.

Microsoft ви дава 6 месеци да ги преземете вашите податоци. По тој рок, може да ги избрише. И кога ќе бидат избришани – исчезнуваат засекогаш.

Важно е да се напомене: Microsoft прави разлика меѓу cloud меморијата и email просторот. Outlook.com нуди 15 GB бесплатно, а ако имате претплата, добивате 100 GB. Ако го преминете лимитот, мора да избришете е-пораки за да продолжите со користење.

Dropbox

Dropbox нуди само 2 GB бесплатно, а првиот платен план чини 9,99 долари месечно за 2 TB простор.

Кога ќе престанете со плаќање, вашите податоци не се бришат. Ќе останат во cloud и на уредите на кои се синхронизирани. Но, нема да можете да додавате нови фајлови, ниту ќе се синхронизираат новите промени.

Dropbox не поставува временско ограничување – фајловите остануваат се додека сами не ги избришете. Очигледно, компанијата се надева дека во еден момент повторно ќе се претплатите.

Можете лесно да ги преземете сите фајлови преку Dropbox апликацијата за Windows или macOS и да ги преместите на друга локација. Само имајте на ум: ако избришете фајл од компјутерот – се брише и од cloud.

Ако одлучите да се откажете од cloud, не паничете – повеќето сервиси не ги бришат податоците веднаш. Но, секој има свои рокови и правила.
Најважно: преземете ги важните фајлови навреме, проверете колку простор користите, и внимавајте да не го изгубите сето она што сте го чувале со години.

Извор: web-mind.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.