Новата функционалност на Community Notes, која моментално се тестира, им овозможува на корисниците да објаснат зошто им се допаднала одредена објава, особено кога таа собира лајкови од луѓе со спротивставени ставови. Оваа промена воведува т.н. „bridging“ логика, систем што не ја мери само количината на реакции, туку и квалитетот на меѓучовечката поврзаност што произлегува од нив.
Во пракса, тоа значи дека одредени корисници, кога ќе видат популарна објава, ќе добијат можност дополнително да ја оценат преку прашања како: „Зошто ви се допадна оваа содржина?“ или „Што во оваа објава го надминува личното мислење?“ Ако алгоритамот заклучи дека објавата поттикнува позитивни реакции кај луѓе што инаку имаат различни ставови, таа може да добие дополнителна видливост на платформата.
Оваа функција не ја заменува основната улога на Community Notes, кој сè уште служи за контекстуализација и борба против дезинформации. Напротив, станува збор за надградба на системот, обид да се истакнат ретките објави што успеваат да најдат заеднички јазик меѓу поделени корисници.
Дијалог пред алгоритми: Поттикнување на содржина што не поларизира
Со овој тест, X воведува нова логика на рангирање содржина, онаа што поттикнува емпатија, разбирање и дијалог. Наместо да форсира објави што предизвикуваат најмногу реакции меѓу веќе оформени групи на истомисленици, новата функција ги препознава објавите што „одекнуваат“ низ различни слоеви на публиката.
Идејата е да се намали доминацијата на поларизирачки содржини што стануваат вирални само затоа што ги потврдуваат веќе постоечките уверувања. Наместо тоа, X сака да ги открие објавите што се „тивко популарни“, оние што, можеби не предизвикуваат бура од коментари, успеваат да поттикнат разбирање или почит меѓу луѓе со различни погледи на светот, објави TechCrunch.
Функцијата моментално е достапна за мал број избрани корисници во рамки на тимот на Community Notes, но се планира нејзино проширување во наредните месеци доколку резултатите покажат ефект. На тој начин, X се обидува да докаже дека социјалните мрежи не мора нужно да придонесуваат за поларизација – туку можат активно да работат на нејзино надминување.
Извор: web-mind.rs