Нова димензија на споделување во Spotify
Spotify со години има централно место во дигиталниот свет на музиката, но со новата функција Messages компанијата оди чекор понатаму. Корисниците сега можат, преку посебен дел во апликацијата, директно да испраќаат песни, албуми, плејлисти или епизоди од подкасти на своите контакти. Наместо содржината да се споделува преку надворешни платформи како WhatsApp или Instagram, сè останува во рамки на Spotify екосистемот.
Споделувањето функционира преку стандардното копче „share“ во опцијата Now Playing, а листата на контакти се формира врз основа на постоечки интеракции – заеднички плејлисти, Jams и Blends сесии или преку Family и Duo претплати. Со овој пристап Spotify се надева дека ќе го поттикне она што се смета за најавтентична форма на промоција: препораки од пријател до пријател, објави компанијата на својот портал.
Приватност и безбедност како предизвик
Иако новата функција звучи како природен чекор кон поголема поврзаност, таа носи и предизвици. Пораките се шифрирани со индустриски стандарди, но не се целосно заштитени со end-to-end енкрипција. Spotify нагласи дека корисниците имаат можност да одбијат или прифатат пораки, да блокираат несакани контакти и да пријават сомнителна содржина. Дополнително, компанијата ќе користи алгоритамска и човечка модерација за откривање злоупотреби, што отвора прашање за балансот меѓу сигурноста и приватноста.
Функцијата моментално е достапна за корисници постари од 16 години, и тоа како за Free, така и за Premium сметки. Лансирањето започна на одбрани пазари, а во наредните недели се очекува глобално проширување. Со тоа Spotify сака да создаде безбеден простор за комуникација, а истовремено да понуди нова вредност за креаторите на содржини.
Што значи ова за иднината на Spotify
Со воведувањето на директни пораки, Spotify јасно става до знаење дека сака да биде повеќе од музички плеер. Целта е да стане општествена платформа што ги поврзува луѓето преку музика и аудио-содржини. На тој начин компанијата влегува во простор каде што се натпреварува не само со други музички сервиси, туку и со социјалните мрежи.
За креаторите, новата опција претставува канал за органски раст на публиката. Песна споделена со пријател може да стане вирална многу побрзо од традиционалното алгоритамско препорачување. За корисниците, ова е чекор кон по лично и по интимно искуство на слушање.
Сепак, вистинската вредност на Spotify Messages ќе зависи од тоа колку луѓе ќе ја усвојат новата практика. Доколку пораките станат природен дел од музичкото искуство, Spotify би можел да го редефинира начинот на кој го доживуваме споделувањето музика и подкасти во дигиталната ера.
Извор: bizlife.rs