Проектот How Couples Meet and Stay Together (HCMST) ги следи трендовите поврзани со врските и браковите во Америка низ времето. Овој проект, создаден од научници од Станфорд и Универзитетот во Ново Мексико, од 2009 година собира и анализира демографски и партнерски податоци за повеќе од 5.000 американски парови.
Знаеме што мислите – затоа младите денес имаат толку многу проблеми во врските. Но пред да ја осудите културата на „врски без обврски“ и дeјтинг апликации, треба да се има предвид дека „запознавањето онлајн“ не подразбира нужно Tinder или слична платформа.
Социјалниот демограф Мајкл Џ. Розенфелд, еден од креаторите на HCMST, изјави за списанието The Atlantic дека реалниот процент на луѓе кои се запознаваат преку дeјтинг апликации е меѓу 25% и 30% – бројка која е прилично стабилна од 2017 година.
Паровите кои се запознаваат преку социјални мрежи или други интернет форуми го сочинуваат преостанатиот процент од оние што се запознале онлајн.
Скок поради интернетот и паметните телефони
Истражувањето HCMST покажува дека бројот на парови кои се запознале онлајн нагло се зголемил кон крајот на 1990-тите, а потоа повторно пред 2010 година. Овие промени временски се поклопуваат со појавата на интернетот во 1995 година и ширењето на паметните телефони, кои станаа масовно прифатени во 2007 година. Паровите кои се запознале онлајн за првпат го надминале бројот на оние што се запознале преку пријатели во 2013 година – само една година по лансирањето на Tinder.
Сепак, тоа не значи дека интернетот е единствениот „виновник“ за намалувањето на бројот на парови кои се запознаваат во живо. Розенфелд и неговите колеги од HCMST, Рубен Џ. Томас и Соња Хаусен, истакнуваат дека некои „традиционални“ начини на запознавање почнале да исчезнуваат многу пред интернетот, како одговор на пошироки општествени промени.
Опаѓа улогата на семејството во посредувањето при запознавање
„Улогата на семејството како посредник при запознавањето опаѓаше во текот на поголемиот дел од 20 век, бидејќи подоцнежното склучување брак и поголемата независност на младите го отстранија пронаоѓањето партнери под непосреден надзор на родителите“, наведуваат истражувачите.
Улогата на семејството и заедницата во спојувањето на парови некогаш нудела извесна сигурност и социјална поврзаност – нешто што интернетот не може да го замени. Но, таквите строго надгледувани односи, исто така, го направија интернетот привлечен за оние кои не сакаат нивните врски да бидат предмет на озборување.
Интернетот им понуди слични можности на младите кои штотуку влегуваат во светот на врските, како и на самците кои бараат партнер.
„Онлајн форумите и пораките им даваат на луѓето време и дистанца за да ги формулираат своите прашања и одговори повнимателно, да најдат заедници со слични интереси надвор од нивното непосредно опкружување и да споделат работи што можеби би им било непријатно да ги кажат во живо.“
Интернетот, исто така, нуди пристап до многу поширок круг на потенцијални партнери отколку што би било можно во рамките на која било социјална мрежа во живо. За личност која се бори да најде партнер во своето опкружување, шансата да запознае некого онлајн може да биде добро решение.
Незадоволството од локалните социјални прилики би можело да објасни зошто процентот на парови кои се запознале во црква, соседството или на работното место опаднал кога онлајн запознавањето станало почеста практика.
Предности и недостатоци на онлајн запознавањето
Тоа, сепак, не значи дека запознавањето преку интернет е подобро од запознавањето во живо. Многу млади се откажале од онлајн дeјтингот бидејќи го сметаат за нејасно и незадоволително искуство. Но, во време кога изгледа дека длабоките врски се сè потешки за остварување, важно е да се разбере кои предности интернетот може да ги понуди.
Во 2017 година, заеднички познаник споил 3,7% од паровите кои навеле дека се запознале онлајн. Уште 6,8% од паровите рекле дека прво се запознале во живо, но повторно воспоставиле контакт онлајн. Паровите кои се запознаваат преку интернет, исто така, придонесуваат за зголемување на бројот на оние кои се запознале во барови и ресторани.
Како што времињата се менуваат, логично е дека се менуваат и начините на запознавање и поврзување. Но, без разлика дали се запознавате онлајн или во живо, врските бараат работа и труд.
Извор: Web-mind.rs