Институцијата на Европската унија задолжена за статистика, Евростат, објави официјални податоци за тоа колку граѓаните на европските земји неделно работат во просек.
Во 2023 година, вистинските неделни работни часови за лица од 20 до 64 години на нивното главно работно место, во ЕУ, во просек изнесувале 36,1 час.
Повнимателен поглед на земјите од ЕУ открива значителни разлики. Најдолги работни недели се забележани во Грција (39,8 часа), Романија (39,5), Полска (39,3) и Бугарија (39,0).
Спротивно на тоа, најкратка работна недела имала Холандија (32,2 часа), а следат Австрија (33,6) и Германија (34,0).
Според статистичките податоци, на Балканот најмногу работни часа неделно имаат Србите, во просек 41,7 часа неделно, што ги вбројува во самиот врв по бројот на часови поминати на работното место.
Според податоците на Евростат, повеќе од Србите работат само Турците, 44,2 часа неделно, а блиску се граѓаните на Босна и Херцеговина кои во просек на работа поминуваат 41,4 часа.
Резултатите се презентирани за Европската унија (ЕУ) како целина, поединечните земји-членки на ЕУ, трите земји од ЕФТА (Исланд, Норвешка и Швајцарија) и трите кандидатки за членство (Босна и Херцеговина, Србија и Турција) но не и за останатите земји од Западен Балкан.