Вештачката интелигенција навлегува во сите пори на живеењето, па разбирливо и во модата. Додека глобалните играчи како Levi’s, Zara, Burberry, Valentino, H&M користат ВИ за оптимизација на синџирите за снабдување, следење на купувачки навики, персонализација итн., со Ефтимов разговаравме за предизвиците и за придобивките што таа ги носи, нејзината употреба во македонската модна индустрија и во креативниот процес воопшто.
Дали и како се користи ВИ во модата во Македонија?
На ова прашање би можел да одговорам од лично искуство, како некој којшто ја користи вештачката интелигенција во одредени фази на работата, за различни намени, но и од она што го сведочам на социјалните мрежи како објава и од разговор со некои колеги. Да, вештачката интелигенција се користи во проектантските фази, за симулација на дизајнерски производи, за презентација итн. Притоа, употребата на ВИ не е лимитирана само на визуелното, без разлика дали станува збор за слика или видео, таа е присутна и во генерирањето на текстови.
Како ја сфаќате улогата на технологијата, особено вештачката интелигенција, во модната индустрија денес?
За мене тоа е само следење на новините во технологијата и нивна имплементација во работата, Притоа, се оградувам од зборување за ВИ воопшто, и можните начини на нејзина злоупотреба, едноставно сум фокусиран на модниот дизајн и визуелното пошироко. Во дел од јавните произнесувања и дебати на темава, сведочев на стигматизација на нејзината употреба, зачинета со дел од вообичаената реторика на теоријата на заговор. Секоја технологија би можела да биде злоупотребена, тоа зависи од нас луѓето. Во тие моменти веднаш се присетувам на периодот од историјата кога биле воведени машините за шиење и кога во една француска компанија за производство на облека работниците подметнале пожар од страв за нивната иднина поради патентирањето и употребата на овие машини.
Дали би можеле да споделите какви било искуства или увиди што ги имате во врска со интеграцијата на технологиите за вештачка интелигенција во процесите на модниот дизајн?
Во мојата работа вештачка интелигенција ја употребувам за различни намени, како: скицирање, развој на дизајни, подобрување на визуелниот материјал за презентација, визуелно истражување на одредени форми, текстури, бои и нивна употреба, создавање на мотиви за печатење и ткаење, креирање илустрации итн. Неодамна, токму за илустрацијата Буки, базирана на глаголицата, ја добив престижната награда во категоријата дигитална уметност, на големиот интернационален натпревар A’ Design Award and Competition во Италија. Одредени фази на работа на оваа илустрација беа со помош на апликации кои користат ВИ.
Дали има некои специфични алатки или софтвер за вештачка интелигенција што сте ги истражувале или сте размислувале да ги користите во вашата дизајнерска работа?
Иако сум желен за нови знаења и истражување на можностите на за мене непознати апликации, во мојата работа најчесто ги користам следните апликации: Photoleap, Photoroom, AI Photo Enchancer, Facetune, Midjourney итн. Притоа, морам да подвлечам дека овие апликации ги користам за различни фази во создавањето на визуелен материјал и дека, доколку станува збор за професионална употреба на сликите, никогаш не ја прерипнувам фазата на крајна доработка во програмите Adobe Photoshop и Adobe Illustrator.
Од ваша перспектива, кои се потенцијалните придобивки и предизвици од инкорпорирањето на вештачката интелигенција во модниот дизајн?
Според мене, употребата на вештачката интелигенција дава многу можности во процесот на дизајнирање, симулација на изглед на одреден производ, презентација итн. Со внимателно и трпеливо користење на некој од софтверите или апликациите можна е трансформација на цртеж во симулација на фотографија. Во некои случаи презентацијата станува поекономична, наместо користење на некој од традиционалните медиуми. Исто така, се забрзува процесот на дизајнирање кога работиме со идентичен производ по крој, а со употреба на различни бои, ткаенини, печатени мотиви, вез итн. ВИ ја дава и можноста одредени фази на работа да останат во дигитален формат, а со тоа да бидеме повнимателни со нашата околина, без притоа да материјализираме потенцијален смет.
Гледајќи напред, дали предвидувате дека вештачката интелигенција ќе игра поголема улога во вашиот креативен процес или во индустријата како целина, и ако е така, на кои начини?
Веќе ги начнав дел од одговорите на ова прашање (дизајн, подготвителни фази за производство, презентација итн.). Модата постојано ги следи сите општествени промени, а во последните децении, особено, таа се преиспитува самата себе, што значи мода и кои се различните сценарија за нејзин иден развој и преосмислување на традиционалните модни категории. Атрактивна е можноста за создавање на индивидуализирани производи, а од друга страна тука е смалувањето на дел од трошоците поврзани за различни фази на дизајнерската работа, продукција, пласман и огласување на производите.