Само граѓаните на 13 земји во светот дишат безбеден воздух

Само 14% од градовите ширум светот имаат безбеден воздух, што е пад во однос на 17% од претходната година. Швајцарската компанија за следење на загадувањето IQAir ги анализираше податоците од 9.446 градови во 143 држави и региони, во рамките на својот најнов Извештај за квалитетот на воздухот во светот за 2025 година.

vozduh-5415-fi

Извор: Freepik/teksomolika

Утврдено е дека квалитетот на воздухот глобално се влошува, главно поради климатските промени. Чадот од шумските пожари, песочните бури и екстремните временски појави засилени со согорувањето на фосилните горива, беа клучните фактори за загадувањето во 2025 година.

Што се PM2.5 честички и зошто се опасни?

Светската здравствена организација (СЗО) поставува строги граници за PM2.5 честичките. Поради нивната екстремно мала големина (помали од 2,5 микрометри во дијаметар), тие продираат длабоко во белите дробови и влегуваат во крвотокот. Се поврзуваат со респираторни проблеми, кардиоваскуларни болести и долгорочни заболувања како ракот.

Каде во Европа воздухот е најчист, а каде најзагаден?

Во Европа, само три земји ги исполнија годишните насоки на СЗО (граница од 5 µg/m³):

  • Андора
  • Естонија
  • Исланд

Овие три држави се меѓу вкупно 13 земји и територии во светот кои останаа во безбедните граници. На оваа кратка листа се и Австралија, Барбадос, Бермуда, Француска Полинезија, Гренада, Нова Каледонија, Панама, Порторико, Реунион и Американските Девствени Острови. Тоа значи дека дури 91%од анализираните земји не ги исполниле безбедносните стандарди.

Од друга страна, петте најзагадени земји во светот се: Пакистан, Бангладеш, Таџикистан, Чад и Демократска Република Конго. Сите 25 најзагадени градови се наоѓаат во Индија, Пакистан и Кина.

Ситуацијата на Балканот и во остатокот од Европа

Загадувањето со PM2.5 честички порасна за повеќе од 30% во Швајцарија и Грција поради чадот од пожарите и сахарската прашина. Позадинското загадување од согорувањето на фосилните горива особено во деловите на Источна Европа и Балканот и понатаму континуирано придонесува за лошиот квалитет на воздухот.

Дополнително, минатата недела беше издадено предупредување за високи нивоа на загадување во Германија, Франција, Холандија и Велика Британија поради сезонските емисии од земјоделството и зголемената концентрација на полен.

Проблемот со недостиг на податоци

Иако овој извештај опфаќа нови земји, големи празнини во податоците и понатаму постојат. Во некои делови од светот ситуацијата се влошува и на овој план. Во март 2025 година, администрацијата на Доналд Трамп го укина глобалниот програм за следење на квалитетот на воздухот на американскиот Стејт департмент, оставајќи милиони луѓе без пристап до информации.

„Без следење, не можеме целосно да разбереме што се наоѓа во воздухот што го дишеме“, изјави Франк Хамес, глобален директор на IQAir. Проширувањето на пристапот до податоци во реално време е клучно за заедниците да можат да реагираат и да бараат промени.

Извор: odrzime.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.