Долго време, метаболизмот го објаснувавме прилично едноставно. Некои луѓе се природно слаби затоа што имаат „брз метаболизам“, а други едноставно ја немаат таа среќа. Но денес, во ера кога се зборува за управување со речиси секој процес во телото, и кога GLP-1 лековите го менуваат начинот на кој размислуваме за слабеењето, и поимот „метаболичко здравје“ се гледа поинаку. Сè почесто се преиспитува што навистина значи и дали навистина постои едно „правило“ што важи за сите.
Метаболичкото здравје во современиот свет
Разбирање на метаболизмот
Повеќето од нас метаболизмот го сфаќаат како брзина со која телото ја разградува храната и ја претвора во енергија и како ги согорува калориите. Технички, меѓутоа, тоа е само дел од процесот во „фабриката“ на организмот. Метаболизмот ги опфаќа сите хемиски процеси кои се одвиваат во телото од работата на срцето и мускулите до функционирањето на мозокот.
Метаболичко здравје термин за кој пребарувањето на Гугл порасна за 130% во последната година – може да се смета за мерка колку добро вашата „фабрика“ функционира. Значи, се работи за вкупната благосостојба.
Метаболичкиот синдром како медицинска дијагноза постои уште од 50-тите години на минатиот век. Се применува за повеќе фактори на ризик од срцеви заболувања, дијабетес и мозочен удар истовремено. Тоа вклучува комбинација на висок шеќер, крвен притисок, холестерол и вишок абдоминални масти, кои треба да се лекуваат.
Процут на пазарот за метаболичко здравје
Концептот на метаболичко здравје, како цел на благосостојба кон која сите би требало да стремиме, а не како дијагноза, се појави неодамна. Главен катализатор беше студијата за метаболичкиот синдром од 2019 година која изнесе податок дека само околу 12 проценти од возрасните Американци се метаболички здрави. Тоа поттикна бројни „проповедници“ на метаболичкото здравје – и стручни и самопрогласени. Во бестселерот од 2024 година „Good Energy: The Surprising Connection Between Metabolism and Limitless Health“ коавторите д-р Кејси Минс и нејзиниот брат Кели одат далеку. Тие тврдат дека цела низа на човечки патења – депресија, анксиозност, неплодност, несоница, срцеви заболувања, еректилна дисфункција, дијабетес тип 2, Алцхајмерова болест, деменција, рак – има една основна причина. Лошо метаболичко здравје.
Оваа врста на апокалиптично размислување го поттикна процутот на нерегулираниот пазар кој вклучува инјекции на „метаболички регулатори“. Новата област во настанување, метаболомика, ветува дека ќе го декодира вашиот „уникатен метаболички потпис“ така што сè што јадете и работите ќе биде прилагодено на вашата лична биохемија.
Биохакерот Дејв Аспреј (кој нема дијабетес), го предводи овој начин на размислување. Тој се храни со дијабетична исхрана, богата со протеини и влакна, со малку шеќер и јаглехидрати. Притоа носи континуиран монитор на гликоза во крвта за да покаже како сè што конзумира влијае на неговиот шеќер во крвта, а со тоа и на неговото метаболичко здравје. На јануарскиот технолошки саем CES во Лас Вегас премиерно беше претставен првиот мерач на гликоза Isaac на компанијата PreEvnt, кој функционира без игла и боцкање. Чудо за дијабетичарите на кои им е потребен и за хакерите на кои веројатно не им е.
Извор: Freepik
Метаболичкото здравје и согорувањето на калориите
Она поради што метаболичкото здравје стана жешка тема, е прашањето за согорување на калориите и слабеењето. Забрзувањето на метаболизмот за кое се зборува на социјалните мрежи, всушност е обратно броење на калориите. Не се пресметува она што го конзумирате, туку она што го согорувате. Меѓутоа, никој навистина не сака побрз метаболизам туку губење на маснотиите.
Специјалистот за дебелина и ендокринолог д-р Спенсер Надолски, истакнува нешто што научниците го знаат веќе со децении, а поголемиот дел од општата популација сè уште не го знае. Брзината на вашиот метаболизам генерално не е во корелација со бројот на вагата. А приказната за бавниот метаболизам кај луѓето кои се борат со тежината е мит. Се веруваше дека слабите (помали) тела се такви бидејќи имаат побрз метаболизам. Меѓутоа, вистината е дека поголемите тела имаат и поголем метаболизам, бидејќи имаат повеќе ткиво. А повеќе ткиво значи повеќе хемиски процеси во телото.
Значи, она што е навистина револуционерно во целата фама за метаболичкото здравје, е фактот дека секое тело има соодветен метаболизам.
На што можете, а на што не можете да влијаете
Телото ја користи енергијата на четири основни начини – некои од нив можат да се зголемат, а други не можат.
- Базален метаболизам: Најголемиот дел од енергијата го согоруваме – според некои проценки дури 70% – едноставно со тоа што постоиме. Сè што се случува во организмот дури и кога не се движите, се собира во вашата базална стапка на метаболизмот. Неа ја одредуваат неколку важни работи кои не можете да ги контролирате – возраст, пол, генетика. Она на што помалку или повеќе можете да влијаете е големината и составот на телото.
- NEAT движења: Околу 15% од енергијата се троши на NEAT движења, или термогенеза на активности кои не се поврзани со вежбање. Тоа е сè она што го правите, а за тоа воопшто и не размислувате – домашни работи, градинарство, стоење, мавтање со рацете додека зборувате, па дури и вртење во место.
- Варење: Уште 10% од вкупната енергија оди на варење. Различна храна бара повеќе енергија за варење. Протеините бараат најмногу енергија за варење и ви помагаат да изградите повеќе мускули.
- Вежбање: На самото дно на листата е намерното вежбање, кое чини околу 5% од целосната потрошувачка на енергија. Вежбањето, секако, директно согорува енергија, а тренингот за сила помага во изградба на повеќе мускули. За возврат, повеќе мускули придонесуваат за брзината на метаболизмот во мирување, бидејќи мускулите користат повеќе енергија отколку мастите.
Ова е една од најпопуларните идеи на интернет: Што е поголема вашата мускулна маса, повеќе енергија користите, 24 часа дневно. Но, Надолски предупредува дека, иако изградбата на мускули може да го подобри вашиот метаболизам во мирување, забрзувањето е релативно скромно. Масното ткиво троши околу 4 до 7 калории по килограм дневно, додека немускулното ткиво (мускулите) троши околу 13 до 22 калории по килограм. Со други зборови, дури и кога би добиле околу 4 или 5 килограми чисти мускули, вашиот организам во мирување би согорувал најмногу 60 до 100 калории повеќе дневно.
Внимателно со производите за засилување на метаболизмот
Што се однесува до пилулите, прашоците, инјекциите и останатите (сомнителни) засилувачи на метаболизмот, бидете внимателни. Земениот суплемент кој би можел да засили еден мал аспект од вашето согорување веројатно нема да произведе видлив резултат.
Најдокументираниот суплемент за засилување на метаболизмот веројатно е екстрактот од зелен чај. Неговото конзумирање три пати дневно може да ви помогне да согорите околу 100 дополнителни калории. Имајте на ум дека ви е потребен дефицит од 500 калории дневно за да изгубите 0,5 килограми неделно.
Други добри идеи за метаболичко здравје вклучуваат добар сон, редовни оброци и многу вода. И движење и вежбање. Наместо разни „засилувачи“, определете се за изградба на мускули. Не затоа што согоруваат малку повеќе енергија во мирување. Туку затоа што можете повеќе да направите кога имате повеќе мускули и можете да согорите повеќе калории.
Извор: easylife.rs