Играње Quake II со помош на вештачка интелигенција
На 6 април 2025 година, Microsoft објави експериментално демо со вештачка интелигенција на играта Quake II, која може да се игра директно преку веб-прелистувач. Станува збор за проект дизајниран да ги демонстрира можностите на вештачката интелигенција во областа на генерирање графика и логика на игри во реално време. Демото е креирано со помош на платформата за вештачка интелигенција на Microsoft, Copilot и моделот MUSE, развиен во соработка со истражувачите од тимот на Microsoft Research.
Она што го прави ова демо уникатно е фактот што графиката и логиката на играта не се рендерирани традиционално, туку се „генерирани“ во реално време од вештачката интелигенција. Играчите имаат способност да се движат низ нивото со основна механика како што е одење, скокање, свиткување, пукање и интеракција со предмети во околината. Сепак, сесиите се временски ограничени и траат само неколку минути.
Microsoft нагласува дека демото е првенствено истражувачки експеримент и дека не треба да се очекува искуство еднакво на комерцијално развиена видео игра. Сепак, овој проект ја отвора вратата за потенцијална иднина во која технологиите со вештачка интелигенција ќе можат да автоматизираат значајни делови од процесот на развој на играта, а со тоа да заштедат време, да ги намалат трошоците и да отворат нови креативни насоки за дизајнерите, објави TechChrunc.
Ограничувања на моделот и зошто ова не е „вистинска“ игра
И покрај импресивната технологија зад проектот, Quake II генериран од вештачка интелигенција исто така покажува голем број ограничувања. Непријателите во играта изгледаат матно и нестабилно, бројачите за здравје и штета честопати не се точни, а самата игра има проблеми со т.н. „перзистентност на објектот“ – моделот заборава елементи кои се надвор од видното поле на играчот повеќе од 0,9 секунди.
Оваа специфичност може да доведе до необично однесување, како „телепортација“ на играчите по мапата или непријателите повторно да се појавуваат на истото место. Некои играчи открија дека гледајќи во подот, а потоа во непријателот, можат да избегнат борба или да ја „ресетираат“ ситуацијата во играта. Microsoft ги призна овие недостатоци, но истакнува дека тие се дел од процесот на истражување, а не недостаток на финалниот производ – затоа што финален производ барем засега нема.
Фил Спенсер, директор на одделот за игри на Microsoft, изјави дека го гледа огромниот потенцијал на ВИ технологиите во зачувување на класичните игри и нивната достапност на различни платформи. Според него, иднината вклучува игри што можат да се играат во секое опкружување – дури и без моќен хардвер.
Што е Quake II и зошто е значаен?
Quake II е пукање од прво лице, развиен во 1997 година од id Software, пионер во развојот на 3D игри. Иако не е директно продолжение на оригиналниот Quake, играта го наследи својот стил и механика, но воведе и нова приказна, како и футуристичка средина. Quake II беше клучен чекор во развојот на мултиплеер, благодарение на неговата тогашна иновативна поддршка за LAN и интернет игри.
Извор: WebMind редакција