Три работи кои влијаат на финансиската (не)стабилност

Многу луѓе би сакале да се чувствуваат сигурно и слободно кога станува збор за финансиите, но на повеќето тоа не им поаѓа од рака и никако не успеваат да си обезбедат доволно пари кои ќе им овозможат живот каков што навистина посакуваат. Поради тоа се чувствуваат фрустрирано, неуспешно и имаат негативен став кон парите – мислат дека парите ги расипуваат луѓето, дека се „валкани“, дека не се важни... Иако би сакале, не успеваат финансиски да напредуваат, бидејќи не знаат како или пак се обидуваат на погрешен начин.

finansii-4652-fi

Извор: Freepik

Ако обрнете внимание на успешните луѓе кои заработуваат доволно за да живеат убаво, тие ќе ви кажат дека започнале од себе и од својот однос кон парите, бидејќи тоа е клучно.

Во односот кон парите, следниве три ставови кои луѓето често ги имаат можат да направат разлика меѓу стабилните и нестабилните финансии.

1. Ставот кон парите воопшто

Она што луѓето го мислат ги предизвикува нивните чувства, а тие чувства потоа го определуваат нивното однесување. Тоа е принцип кој секогаш важи – па и кога станува збор за парите.

Ако луѓето мислат лошо за парите – дека се валкани, дека ги расипуваат луѓето, дека носат проблеми и зло – тогаш ќе имаат негативни емоции кон парите, а нивниот ум ќе најде стотици начини да ги заштити од она што го перципираат како лошо и што им предизвикува непријатни емоции. Човечкиот ум не знае дали тоа навистина е така или не – тој е буквален, верува „на збор“ и бара потврда за тоа што го мисли за да ги спречи луѓето да се впуштат во нешто што би можело да им донесе тоа „зло“. И веројатно ќе најде примери со кои ќе им покаже дека се во право. Но она што тие би можеле свесно да го направат е да побараат и спротивни примери – и ќе ги најдат. Тогаш ќе сфатат дека не е до парите, туку до луѓето. Ќе сфатат дека парите нема да направат од луѓето нешто што тие веќе не се, дека нема да им донесат проблеми освен ако самите не ги употребат на лош начин, дека не се парите „валкани“, туку дека лошите луѓе ги користат на „валкан“ начин.

Ако кај себе ги препознавате овие уверувања, а можеби ви е тешко да размислувате за парите на овој начин, земете било што што го имате во животот – нешто што сте го посакале и сте се потрудиле да го добиете – и размислете дали би го имале тоа ако ви предизвикувало лоши емоции и ако сте мислеле лошо за тоа. Веројатно не би. Истото важи и за парите. Како што за секоја друга работа што ја имате сте верувале дека е добра за вас, дека ви е потребна и дека заслужувате да ја имате, така треба да верувате и за парите.

2. Ставот кон заработувањето пари

Многу луѓе имаат блокади поврзани со заработувањето пари. Некои мислат дека пари имаат само „одбраните“ – оние што се родиле во богати семејства или оние што имале среќа – и дека тоа ним не им припаѓа, бидејќи не се „толку среќни“. Размислете: дали познавате некого, или можеби сте чуле за некого, кој потекнува од сиромаштво, а со својот труд и посветеност успеал да живее убаво и удобно? Има многу такви примери, и меѓу познати личности и во вашата околина. Исто така, има и примери на луѓе кои се родиле во богатство, но не знаеле да се справат со него и денес живеат полошо отколку порано. Тоа значи дека богатите родители не значат нужно дека и децата ќе бидат и ќе останат богати – и обратно. Недостигот на пари не е непремостлива пречка, бидејќи постојат стратегии со кои може чесно да се стекне богатство.

Други луѓе пак мислат дека за финансиска стабилност се потребни „крв, солзи и пот“ и затоа се откажуваат уште пред да пробаат да најдат начин да заработат. Вистина е дека не може да се седи на кауч, да се менуваат канали и да се очекува дека парите ќе пристигнат сами. Треба нешто да се преземе. Но, ако некој има здрав однос кон парите, ако знае што ќе му донесат и како ќе изгледа неговиот живот кога ќе има пари онолку колку што му е потребно, тогаш трудот и работата добиваат нова смисла и повеќе не изгледаат како невозможна мисија.

3. Ставот кон себеси во врска со парите

Постојат луѓе кои веруваат дека немаат што да понудат за да заработат пари, дека не се доволно добри, дека не знаат доволно, па дури и дека не заслужуваат повеќе од тоа што имаат. Но ако погледнете луѓе кои имаат пари и финансиска стабилност, ќе видите дека тоа не се некакви „супер-гении“ кои знаат нешто посебно, туку луѓе кои се насочиле на она што го знаат и умеат, и успат научиле сè што им било потребно.

Ако сега земете лист и пенкало и запишете што сè знаете и умеете, во што сте добри и што сакате да правите – колку долг би бил тој список ако не би го отфрлале она за кое мислите „ах, тоа сите го знаат“ или „тоа ми е лесно, не е ништо посебно“? Често луѓето кога ќе го направат овој список сфаќаат колку многу знаат и умеат – и се охрабруваат да почнат да дејствуваат.

Извор: easylife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.