Иако оваа разлика изгледа занемарлива, таа може да биде од клучно значење во ситуации кога е потребно прецизно усогласување на времето меѓу Земјата, Месечината и Марс буквално во делиња од секунда.
Ајнштајновата теорија на општата релативност објаснува дека времето зависи од масата и гравитацијата, што доведува до појавата позната како гравитациска дилатација на времето. Набљудувач од послабо гравитациско поле ќе види дека часовниците во посилно гравитациско поле работат побавно. Со други зборови колку е послаба гравитацијата, толку времето „тече побрзо“.
Како пример, атомските часовници на GPS-сателитите работат побрзо од часовниците на површината на Земјата. Причината е комбинацијата од послаба гравитација во орбитата и ефектите од забрзувањето, што резултира со разлика од околу 38 микросекунди дневно. Врз основа на овие принципи, научниците од NIST, Нил Ешби и Биџунат Патла, развиле исклучително прецизен систем за мерење време за Марс.
Тие претходно осмислиле и временски стандард за Месечината, сличен на универзалното координирано време (UTC) што се користи на Земјата. UTC го користат астрономите и мрежата за длабока вселена на НАСА, а неговата прецизност се мери во пикосекунди – билионити дел од секундата.
Времето тече побрзо
На површината на Месечината, времето тече 56 микросекунди побрзо отколку на Земјата, поради нејзината маса и сложените гравитациски односи меѓу Сонцето, Земјата и Месечината.
Но, мерењето на времето на Марс е значително покомплицирано. Како што објаснува Патла, додека Месечината е дел од систем со три главни небесни тела, Марс воведува четврто, па мора да се земе предвид влијанието на Сонцето, Земјата, Месечината и самиот Марс.
Марс има значително послаба гравитација од Земјата, бидејќи поседува само околу една десетина од нејзината маса. Анализата на податоците од марсовските мисии покажува дека површинската гравитација на Марс е дури пет пати послаба од онаа на Земјата.
Покрај тоа, Марс е подалеку од Сонцето. Додека Земјата се наоѓа на растојание од една астрономска единица, Марс е на околу 1,5 астрономски единици, што значи дека и гравитациското влијание на Сонцето таму е послабо. Ситуацијата дополнително ја комплицира фактот што Марс има значително поиздолжена орбита, па во текот на годината поминува низ поголеми промени во гравитациското влијание.
Поради сето ова, иако марсовските часовници во просек одат 477 микросекунди побрзо дневно, таа разлика во текот на една марсовска година може да се зголеми или намали и до 266 микросекунди дневно.
Марсовската година трае 687 дена
Марсовската година е значително подолга од земјината и трае 687 дена, а и денот на Марс е подолг на планетата ѝ се потребни околу 40 минути повеќе од Земјата за да се заврти околу својата оска.
Воспоставувањето на вакви прецизни временски системи се смета за клучно за идните мисии на Марс, вклучително и првото слетување на луѓе на Црвената планета.
Како што истакнува Ешби, иако можеби ќе поминат децении пред човечки експедиции да се движат по Марс, уште сега е важно да се решаваат проблемите со навигацијата и координацијата на времето на други планети и месечини.
Во наредниот период, прецизното мерење на времето надвор од Земјата ќе биде од суштинско значење за комуникација, позиционирање и навигација во планираните лунарни и марсовски мисии и на државните вселенски агенции и на приватните компании.
Затоа, развојот на самостоен, меѓупланетарен систем за синхронизација на времето претставува еден од клучните чекори во идното истражување на вселената.
Како што заклучува Патла, ова истражување нè доближува до она што некогаш изгледаше како научна фантастика ширење на човечката цивилизација низ Сончевиот систем. Студијата е објавена во списанието The Astronomical Journal.
Извор: odrzime.rs