Компанијата за продажба на половни автомобили Autobahn Motors во декември 2017 година го отвори својот футуристички салон на 15 ката, со возила распоредени во 60 одделни вертикални слотови, претставувајќи го како „најголемиот автомат за луксузни автомобили во светот“.
Купувачите во приземјето можат преку екран на допир да го изберат автомобилот што сакаат да го видат. Возилото пристигнува за една до две минути благодарение на напредниот систем за автоматско подигање и испорака, наведува компанијата.
Гери Хонг, генерален менаџер на Autobahn Motors, изјави дека овој формат на „автомат“ е осмислен за поефикасно користење на просторот во Сингапур, каде земјиштето е многу ограничено, но и како начин да се издвојат од конкуренцијата.
„Моравме да го исполниме барањето да складираме голем број автомобили. Во исто време, сакавме да бидеме креативни и иновативни“, изјави тој за Reuters.
Тој додаде дека инвеститори веќе му се обратиле со интерес да го користат системот на компанијата Automotive Inventory Management System за потребите на паркинг сервиси.
Во понудата има сè – од модерни луксузни спортски автомобили до ретки класици, како Morgan Plus 4 од 1955 година.
Американската компанија Carvana исто така користи кули налик на автомати за продажба на половни автомобили. Во март ја отвори својата осумкатна структура во Сан Антонио, Тексас, со капацитет до 30 возила.