Тејлор ја отвори својата презентација со необичен симбол – француска берет капа што неговиот професор Полинг ја чувал на биро, како потсетник дека науката и креативноста мора да одат рака под рака. „Денес, повеќе од кога било, ни се потребни креативност, иновации и соработка,“ порача тој пред преполната сала.
ВИ и иднината на трудот
Пандемијата на COVID-19, според него, само го забрза процесот кој и онака беше во тек – преминот кон дигитализација и експоненцијални технологии како вештачка интелигенција, машинско учење, IoT и роботика. Овие алатки отвораат нови начини за создавање и соработка, но радикално ќе го сменат и пазарот на труд. „85% од денешните деца ќе работат работи кои сè уште не постојат,“ предупреди Тејлор.
Иако ВИ носи огромни можности, повеќето иницијативи пропаѓаат. „Не е проблемот во технологијата, туку во луѓето, процесите и начинот на размислување,“ потсети тој, додавајќи дека дури 95% од пилот-проектите никогаш не донесуваат вистинска вредност.
Четирите вештини на иднината
Клучот, според Тејлор, се четири вештини без кои нема иднина: соработка, креативност, критичко размислување и комуникација. Од нив, токму креативноста ќе биде најбараната до 2030 година. Но, тука се појавува проблем – само 40% од луѓето во светот се сметаат себеси за креативни.
Тој ја разби и илузијата за „осамениот генијалец“ и истакна дека креативноста е тимски спорт, кој сè повеќе ќе вклучува и машини како партнери. Преку конкретни примери – од паметни очила во продажбата, преку психометриски профили за прецизни презентации, до реклами персонализирани за илјадници корисници – Тејлор покажа дека ВИ веќе ја менува секоја индустрија.
Идеите се само почеток
„Идеите сами по себе не се доволни. Кога ќе се спојат со вистинска изведба и соработка, тогаш можат да трансформираат цели индустрии,“ нагласи тој. Иднината на човекот и машината ја спореди со односот меѓу Тони Старк и неговиот ВИ асистент Џарвис во филмот Iron Man.
За да ја засили пораката, раскажа и две силни приказни:
- редизајнот на МРИ апаратите во „пиратски бродови“ за децата, со што стравот се претворил во авантура,
- и легендарната партија на играта Go, кога човекот, предизвикан од ВИ, направил потег наречен „Божји допир“.
Технологијата како предизвик за човечкото
Со овие примери Тејлор ја заокружи пораката: вистинската вредност на технологијата е во тоа што нè предизвикува да станеме покреативни, похрабри и подобри.
„Во оваа сала може да седи човекот кој ќе ја револуционизира употребата на ВИ во својата организација. Тоа може да бидете и вие,“ заврши тој со апел за прифаќање на креативноста и партнерството со вештачката интелигенција.