Во светот каде што технологијата е во постојан раст, многу училишта го поставуваат прашањето: дали мобилните телефони треба да се користат во училница или да се забранат целосно?. Забраната на мобилни телефони во училиште станува сè попопуларна, како начин да се подобрат академските резултати и да се намали стресот кај учениците.
Што прави светот?
Од 2018 година, Франција ги забрани мобилните телефони во училиштата за учениците на возраст до 15 години. Истражувањата покажаа дека ваквата забрана значително го намалува одвлекувањата на вниманието и ги подобрува социјалните интеракции помеѓу учениците. Сепак, постојат и предизвици, како што се некои ученици кои се обидуваат да ги користат телефони за време на паузите.
Во 2024 година, Португалија воведе национална забрана за мобилни телефони во сите училишта до крајот на основното образование. Забраната беше проследена со позитивни резултати – намалување на насилството и на нарушувањата во однесувањето, како и зголемен фокус кон учењето.
Во Бразил, Федералниот сенат во 2024 година усвои национална забрана на мобилни телефони за ученици на возраст од 4 до 17 години. Родителите ја поддржаа оваа мерка, верувајќи дека ќе им овозможи на нивните деца здрави училишни услови, далеку од дигиталните забави и социјалните медиуми.
Во некои сојузни држави, како Њујорк и Илиноис, исто така се воведуваат забрани за мобилни телефони во училиштата. На пример, во Њујорк, училишта започнаа да го применуваат правилото bell to bell celphone ban, според кое телефонот не смее да се користи за целото време докека учениците се во училиште, вклучувајќи ги и паузите и одморите меѓу часови. Целта е да се подобри фокусот кон учењето и да се мотивираат учениците за подобри достигнувања, меѓусебна интеракција и подобро ментално здравје. Во Илиноис, гувернерот лобира за screen free schools, што би им овозможило на учениците да се фокусираат на вистинскиот учебен процес.
Извор: Freepick
Предности на забраната на мобилни телефони:
- Подобрување на фокусот: мобилните телефони често ги одвлекуваат учениците од учењето, па забраната може да помогне да се постигнат подобри академски резултати. На пример, студија спроведена во Австралија покажа дека резултатите од тестирањата спроведени ученици на возраст од 16 и повеќе години се зголемиле за 6,4% по воведувањето на забраната за мобилни телефони.
- Помал стрес: со намалување на времето поминато гледајќи во екраните, учениците се чувствуваат помалку анксиозни и со малку стрес. Во Франција, учениците токму ова го пријавиле – дека се чувствуваат помалку нервозни и анксиозни откако го поминале училишниот ден без телефонот во рака.
- Намалување на насилството и нарушувањата во однесувањето: бо Португалија, училиштата кои спроведуваат забрани за мобилни телефони искусиле намалување од 59% на насилството и 57% на нарушувањата во однесувањето.
Но што ако мобилните телефони се потребни?
- Безбедноста на учениците: мобилните телефони можат да бидат важни за брза комуникација во случај на итни ситуации.
- Предизвици при спроведување: без оглед на политиките, некои ученици наоѓаат начини да го заобиколат ограничувањето, како што се користење на телефони за време на паузите или на скриени места. Во Франција, се пријавени случаи на ученици кои се криеле во тоалети за да гледаат видеа на телефони за време на паузите.
- Изгубени можности за дигитални вештини: потполното забранување на мобилните телефони може да го оневозможи развојот на одговорни дигитални вештини кај учениците. Наставниците препорачуваат дека, наместо целосни забрани, училиштата треба да ги учат учениците како одговорно да користат технологија.
Што мисли академската заедница?
Многу образовни експерти и наставници се поддржувачи на забраните, велејќи дека така се создаваат подобри училишни услови за учениците, без пречки од мобилните телефони. Според нив, телефонот во училницата претставува голема дистракција за концентрацијата и комуникацијата помеѓу учениците. Од друга страна, некои стручњаци истакнуваат дека забраната не е одржлива на долг рок, бидејќи технологијата веќе е вградена во сите аспекти на животот, а училиштата треба да ги подготват учениците за одговорно користење на истата.
Експертите се согласуваат дека најдобриот пристап може да биде комбинација на ограничено користење на мобилни телефони и едукација за дигитална писменост, каде што учениците ќе научат како да ги користат технологиите на продуктивен и безбеден начин.
Како да го најдеме вистинскиот баланс?
Со оглед на сите предности и недостатоци, клучно е да се најде начин да се искористат предностите на технологијата без да се наруши учебниот процес. Забраните можеби звучат како решение, но можеби најдобро е да ги едуцираме учениците како да бидат одговорни дигитални корисници.
Извор: Webmind редакција