Резултатот е парадокс: никогаш не било полесно да се испрати апликација, но никогаш не било потешко да се добие одговор.
Автоматизација што ја загуби човечноста
Процесот на автоматизација во вработувањето започна како рационален обид да се олесни работата на преплавените HR оддели, кои добиваат стотици пријави за секое отворено работно место. Софтверите беа дизајнирани да ги препознаат клучните зборови, да ги сортираат кандидатите и да издвојат профили кои најмногу одговараат на однапред зададени критериуми.
Но, со навлегувањето на генеративната вештачка интелигенција – правилата се променија. Кандидатите денес можат да произведат беспрекорно структурирани апликации, специјално прилагодени на секој оглас, со полирани реченици и вешто избалансирани вештини. На прв поглед, тоа изгледа како победа за оние што бараат работа – сè додека не се сфати дека истите технологии ги користат и работодавачите. Така се раѓа „AI двобој“ без јасен победник.
Дали човечкиот фактор станува спореден?
Во оваа битка на алгоритми, човекот се повлекува на маргините. Кандидатите сè почесто чувствуваат дека нивните пријави исчезнуваат во дигитален вакуум без никаков одговор, додека компаниите велат дека сè потешко препознаваат автентични вештини и вистинска мотивација зад генерички фрази.
Процесот на селекција, наместо да биде побрз и поефикасен, станува покрути и понејасен. Наместо дијалог помеѓу две страни, добиваме комуникација помеѓу два алгоритма.
Бескрајната трка и дигиталниот замор
Овој систем раѓа и нова форма на замор. Кандидатите иако имаат теоретски бескрајни можности да аплицираат – чувствуваат дека се судираат со ѕид од автоматизација. Од друга страна, HR тимовите стануваат зависни од софтвери кои често селектираат содржина што звучи речиси идентично. Се губи суштината на вработувањето: препознавање на потенцијал, карактер и вистинска желба за придонес.
Парадоксот е очигледен: повеќе алатки, повеќе канали, но помалку вработувања. Количината на информации станува толку голема што го задушува токму она што е најважно човекот.
Каква ќе биде иднината на регрутацијата?
Иднината, најверојатно, ќе бара нова рамнотежа. Вештачката интелигенција може да остане силен сојузник во техничките аспекти, организирање на пријави, анализа на податоци, но нема да ја замени човечката интуиција и искуство во препознавањето на кандидатите кои носат нешто повеќе од добро напишано CV.
Сè додека двете страни и кандидатите и работодавачите се потпираат исклучиво на машини, постои опасност пазарот на труд да остане заробен во затворен круг. Кандидатите ќе испраќаат бескрајни апликации, HR ќе ги филтрира бескрајно, а реалната средба меѓу човек и можност ќе остане реткост.
Можеби токму тука лежи најважната лекција: технологијата може да ги забрза процесите, но вработувањето никогаш не смее да се сведе само на алгоритам. Работното место не е само обврска – тоа е релација меѓу луѓе. А ниту еден AI, колку и да е напреден, не може целосно да ја процени човечката вредност што се крие зад едно „Здраво, јас сум заинтересиран…“
Извор: bizlife.rs