Инаку познат по одлучност и брза реакција, сега одложува и префрла одговорност.
Одлуки под стрес – зошто мозокот „се блокира“?
Донесувањето одлуки е еден од најкомплексните когнитивни процеси. Кога сме одморени, фронталниот кортекс – делот од мозокот задолжен за планирање и расудување – работи јасно и ефикасно. Но, под хроничен стрес и замор, овој дел од мозокот се „гаси“. Контролата ја презема лимбичкиот систем – центарот на емоциите и импулсите.
Резултатот?
Наместо стратешки, носиме импулсивни одлуки. Се занимаваме со неважни детали, а ги избегнуваме клучните теми. Ја губиме пошироката слика и се фокусираме на ситници.
Овој феномен е познат и како decision fatigue – замор од донесување одлуки. Истражувањата покажуваат дека по одреден број одлуки во текот на денот, нашиот капацитет нагло опаѓа, а во состојба на „прегорување“ (burnout), тоа се случува уште побрзо.
Возрасните луѓе, инаку, најчесто функционираат на „автопилот“, додека лидерите најчесто се движат на „адреналински автопилот“. Постојаните рокови, состаноци, промени, кризи и очекувања го држат телото во состојба на „приправност“, со покачено ниво на кортизол. На почетокот, тој стрес делува мотивирачки – дава енергија и фокус. Но, кога трае со месеци и години, преминува во хронична исцрпеност и истрошеност.
Несоницата, заморот и раздразливоста не се само придружни симптоми – тие директно ја поткопуваат способноста на луѓето рационално да размислуваат и да одлучуваат. Недостигот на сон, на пример, научно е поврзан со намалена креативност, послаба проценка на ризик и полоша меморија. Накратко: лидер кој не спие добро – не одлучува добро.
Во индустријата на организирање настани и други „брзи“ индустрии, каде што постојано се работи во „кризен режим“, ова е уште поизразено. Но, ниту една компанија, без разлика на секторот, не е имуна на последиците од лидерство во состојба на прегорување.
Лошите или одложените одлуки на долг рок можат да чинат многу повеќе од еден пропуштен проект. Тимовите можат да станат несигурни и деморализирани, да ја изгубат довербата, а културата на исцрпеност многу веројатно ќе се прошири и кај останатите вработени.
Како да се врати капацитетот за донесување добри одлуки?
Добрата вест е дека постои начин овој автоматски круг да се прекине. Пред сè, имајте на ум дека грижата за себе не е луксуз, туку стратешка инвестиција.
Еве неколку работи што може да се издвојат:
Сон како „бизнис стратегија“
Прво и основно – најпотценетата, но неопходна активност: сонот.
Најмалку седум часа сон (дури и осум, ако личноста е посензитивна) секоја ноќ го зголемува капацитетот за донесување одлуки, креативноста и отпорноста. Но, исто така создава култура во која здравјето е важно, во која се грижиме и за другите луѓе – што е особено значајно за оние што работат за вас.
Утринска практика
Од искуство, една од најважните работи е како го започнуваме денот.
Ако веднаш по будењето скокнеме и се нурнеме во информации, веднаш го активираме „адреналин/кортизол копчето“.
Земете еден час само за себе. Седнете, медитирајте, дишете, осмислете свој мал ритуал. Така му давате шанса на телото и умот постепено да влезат во динамичниот ден.
Пауза во текот на денот
Кратки „ресет“ паузи од 10–15 минути, без екрани и е-пошта, ја враќаат енергијата и го намалуваат менталниот замор. Некои од најиновативните компании имаат формализирани „mindful break“ протоколи токму поради оваа причина.
Физичка активност
Движењето природно го намалува нивото на кортизол и анксиозноста, го подобрува дотокот на кислород и ослободува ендорфини. Не мора тоа да биде теретана – дури и 20-минутна прошетка може да направи разлика. (Ова е уште една природна, а често потценета активност.)
Делегирање и доверба
Лидерот, иако сака контрола, не мора да одлучува за сè.
Кога ќе пренесе дел од одговорноста, не само што се растоварува себеси, туку го зајакнува и тимот. Ако веќе сте во состојба на прегорување, ова многу веројатно ќе ви биде особено тешко – но и неопходно.
Свесност и присутност
Mindfulness практиките докажано помагаат во регулирање на стресот и враќање на фокусот. Само пет минути дишење пред и по важен состанок може да го промени квалитетот на вашите одлуки – а на долг рок, и квалитетот на животот.
Организациска култура што поддржува баланс
Најдобрите компании не се оние каде што вработените работат најмногу, туку оние каде што луѓето се чувствуваат добро и мотивирано. Токму лидерот е тој што избира – дали ќе даде пример на здрава практика и рамнотежа, или ќе ја шири културата на прегорување.
Порака за крај
Никој од нас не е робот.
Без разлика колку сме способни, снаодливи, вешти или искусни – секој од нас има своја точка на пукање. Можеби не е на исто место кај сите, но секој ја има.
Ако не внимаваме на основните нешта – квалитетен сон, одмор, фокус и целокупно здравје – не само што нема да можеме да донесуваме добри одлуки, туку ќе се урнеме.
Кога исцрпеноста ќе превземе, не страда само поединецот – страда целиот бизнис, тимот и визијата.
Затоа, следниот пат кога ќе се чувствувате раздразливо, преплавено, кога ќе ви се чини дека „веќе не можете да донесете одлука“, сетете се: можеби проблемот не е во вас, туку во тоа што вашиот мозок (и целото тело) едноставно бара одмор.
Грижата за себе не е слабост, туку сила и основен предуслов за силно лидерство.
Или, како што тоа најдобро го сумира една реченица:
„Ако се исцрпите до крај, повеќе ќе се немате ни себеси, а камоли бизнисот.“
Извор: bizlife.rs