За разлика од генетските и други фактори што влијаат врз когнитивното здравје, а на кои не можеме да влијаеме, несоницата е состојба што може да се третира, покажува студијата објавена во списанието Neurology.
„Главната порака на ова истражување е дека хроничната несоница може да биде променлив ризик-фактор за когнитивен пад“, изјави д-р Диего Карваљо, водечки автор на студијата и професор по неврологија и специјалист за спиење на Клиниката Мејо во Рочестер.
Истражувањето и неговите наоди
Во студијата учествувале 2.750 луѓе, кои во текот на пет години поминувале низ годишни невролошки прегледи, снимања на мозокот и евалуација на навиките за спиење. Резултатите покажале дека несоницата го зголемува ризикот од когнитивни оштетувања за 40%. Но, кај оние кои успеале да го продолжат времето на спиење или примениле терапија, тој негативен ефект не бил забележан.
„Не можеме со сигурност да тврдиме дека лекувањето на несоницата автоматски го намалува ризикот, бидејќи сè уште ги немаме тие податоци… но интересот за таа можност е сè поголем“, додава Карваљо.
Како несоницата го оштетува мозокот
Несоницата е најчестото нарушување на сонот што го среќава д-р Рејчел Салас во Центарот за сон и благосостојба на Универзитетот Џонс Хопкинс. Таа објаснува дека проблемот не е само во тешкотијата да се заспие, туку и во одржувањето на сонот и квалитетот на спиењето, што директно влијае врз секојдневното функционирање и целокупното здравје.
Сонoт му помага на мозокот да ги „исчисти“ непотребните синапси и метаболичкиот отпад што се акумулира во текот на денот. Некои од тие наталожени протеини се поврзани со Алцхајмеровата болест.
Недостатокот на сон, покрај тоа, ја нарушува консолидацијата на меморијата, емоционалната регулација и опоравувањето на мозокот.
„Недоволниот или неквалитетен сон може да доведе до невроинфламација и слабеење на синаптичката пластичност , два фактори што придонесуваат за когнитивен пад“, нагласува Салас.
Зошто несоницата често не се лекува доволно?
Луѓето постари од 65 години многу почесто страдаат од нарушувања на спиењето, но честопати ги доживуваат како „нормален дел од стареењето“. Карваљо предупредува дека несоницата не треба да се прифаќа како нешто неизбежно: проблемите со заспивањето, одржувањето на сонот, заморот, лошото расположение и когнитивните потешкотии не треба да се сметаат за природен тек на стареењето.
Сепак, несоницата често останува непријавена, непрепознаена и, како последица недоволно лекувана.
Како да ја победиме несоницата?
Добрата вест е дека несоницата може успешно да се третира. Основниот метод на третман е когнитивно-бихејвиоралната терапија за несоница (CBTI), која се фокусира на образците на однесување и навиките што го предизвикуваат проблемот.
Се препорачува:
- воспоставување доследен распоред за спиење,
- техники за релаксација пред легнување,
- создавање соодветна атмосфера: темна, тивка и малку постудена просторија,
- ограничување на екрани,
- намален внес на кофеин и алкохол,
- и доволно физичка активност во текот на денот.
„Сите бараат апче што ќе го реши проблемот со сонот и вистина е дека на некои пациенти навистина им се потребни лекови.
Но, дури и кога се користат медикаменти, однесувањето и навиките се клучни“, вели Карваљо. „Лекувањето на несоницата мора да биде сеопфатно.“
Извор: bizlife.rs