Каква ја гледате улогата на осигурителните компании во општество што станува сè повеќе изложено на климатски и геоекономски ризици?
Осигурувањето претставува клучна алка во зголемување на општествената отпорност, нешто што станува сè поважно во време на големи климатски предизвици и глобални економски и политички турбуленции. Кога ризиците стануваат неизбежна реалност, осигурителните компании се тие што помагаат за полесно справување со последиците. Денес, благодарение на својата финансиска моќ и развој на иновативни производи, осигурувањето е подготвено да даде вистинска поддршка – било да се работи за полиси што ги покриваат катастрофалните временски непогоди, прекин на работење, сајбер-напади или ризици во синџирите на снабдување.
Покрај финансиската заштита, имаме и голема улога во едукацијата , во подигнување на свеста кај поединците за важноста на осигурувањето. Секој човек треба да разбере дека заштитата на она што му е важно – здравјето, семејството, имотот, бизнисот, почнува од лична одговорност и навремена иницијатива.
Што мислите, каква улога ќе има вештачката интелигенција во осигурувањето во следните 5 години? Дали веќе користите AI во Генерали Србија?
AI веќе ја трансформира индустријата и тоа е само почеток. Очекувам во следните години да видиме огромни придобивки како за осигурителите, така и за клиентите. Алгоритмите овозможуваат побрза и попрецизна проценка на ризикот, автоматизација на административни процеси, откривање измами, поефикасна обработка на одштетни барања… И тоа е само врвот на ледениот брег.
За корисниците, ова значи побрза услуга, појасна комуникација и што е најважно – персонализирани понуди, прилагодени на нивните реални потреби. Благодарение на предиктивните модели, осигурувањето ќе стане повеќе ориентирано кон превенција отколку реакција.
Ние во Generali Осигурување Србија веќе ја користиме вештачката интелигенција. Нашата здравствена платформа Advance Care автоматизира дел од обработката на оштетни барања преку напредна анализа на податоци. Со дигиталната агро-полиса, користиме AI за осигурување на земјоделски насади – нешто што особено им значи на земјоделците во услови на непредвидливи климатски услови.
Генерали Групацијата планира до 2027 година да инвестира 1,2 милијарди евра во развој на вештачка интелигенција. Затоа, за нас во Србија, имплементацијата на AI е стратешки приоритет. Се фокусираме на квалитетот на организацијата и податоците – тоа е темелот за успех. Во план се нови проекти за оптимизација на процесите и подобрување на клиентското искуство.
Секако, паралелно со технолошкиот напредок, наша должност е да осигуриме етичка употреба на податоците и заштита на приватноста. Тоа е нешто што Генерали го става многу високо на листата на приоритети.
Кои се најголемите предизвици за вас како извршен директор што мора да ги исполни и локалните потреби и барањата на меѓународната групација?
Иако на прв поглед може да изгледа како баланс помеѓу различни интереси, јас не го доживувам тоа како предизвик, туку како синергија. Генерали Групацијата има исклучителна почит за сè што сме постигнале во Србија – за нашиот тим, резултатите, културата и локалниот пристап. Имаме простор за иницијатива, а во исто време сме дел од една силна глобална мрежа која овозможува знаење, искуство и ресурси.
Тоа е комбинација што ретко се добива – стабилност и поддршка од една страна и флексибилност и иновативност на локално ниво, од друга. И токму затоа верувам дека сме на вистинскиот пат и како компанија, и како индустрија.
Извор: Webmind редакција