Нивната приказна започнува со страст кон креативноста и желбата секој производ да има душа. Преку 3D печатењето тие успеваат да ја оживеат секоја идеја, претворајќи ја во уникатен предмет што внесува топлина, минимализам и одржливост во секој дом.
1. Како се роди идејата за Simple Design и зошто решивте токму 3D технологијата да биде ваш изразен медиум?
Идејата се роди од нашата страст кон креативноста и технологијата. Сакавме да создадеме нешто уникатно што нема да биде дел од масовното производство. 3D печатењето ни понуди совршена слобода – тоа е алатка која ни овозможува брзо да ја претвориме идејата од дигитален концепт во физички производ, со тотална контрола врз дизајнот и квалитетот.
2. Кога велите „уникатен и модерен дизајн што се вклопува во секој дом“ – што значи тоа за вас? Како изгледа вашиот процес на креирање?
За нас, тоа значи безвременска елеганција. Нашите дизајни се минималистички, со чисти линии и неутрални тонови, што им овозможува да се вклопат во секој ентериер – од рустикален до скандинавски. Процесот започнува со инспирација од секојдневни предмети и природата. Потоа следи 3D моделирање – детална работа каде го тестираме дизајнот за естетика и функционалност. На крај, самиот процес на печатење каде секој дизајн е фино подесен за да го добие посакуваниот финиш и квалитет.
3. Споменавте дека користите биоразградливи и еко-материјали. Колку е важна одржливоста за вашиот бренд и како клиентите реагираат на тоа?
Одржливоста е темелна вредност на Simple Design. Користиме биоразградлив PLA (Polyactic Acid) добиен од обновливи извори, како пченкарен скроб. Важно е нашите декорации да внесат убавина во домот, но не на сметка на планетата.
Нашата посветеност е засилена со членството во платформата Yes for Less, бидејќи веруваме дека секој од нас може да направи мала промена кон поодржлив живот. Клиентите го препознаваат и го ценат овој ангажман. Тоа ја гради довербата, знаејќи дека избираат бренд со еколошки вредности.
4. Во време кога многумина брзаат кон масовно производство, вие одвојувате по неколку часа да испечатите за еден производ. Дали ова е свесна одлука да го „забавите“ темпото и да внесете повеќе душа во креациите?
Да, тоа е свесна одлука. Ние веруваме дека вредноста не се мери во брзината на производство, туку во квалитетот и уникатноста на финалниот производ. Кога клиентот знае дека некое парче е печатено со часови, а не за неколку минути, тој уште повеќе ја цени приказната и вложениот труд зад него.
5. 3D технологијата постојано се развива – како останувате во чекор со новитетите и дали веќе имате планови за нови технолошки експерименти?
Постојано сме во тек со истражување на новитети во хардверот, софтверот и материјалите. Нашата активна вклученост во 3D заедницата (каде што ги споделуваме и нашите дизајни) ни овозможува брзо да ги апсорбираме знаењата. Веќе експериментираме со нови техники за постигнување уникатни текстури и финиши, и во план ни е воведување на дополнителни материјали кои нудат различни карактеристики на издржливост и естетика.
6. Вашите дизајни се достапни и на меѓународни платформи. Како изгледа да се натпреварувате со светски креатори и дали Македонија знае да препознае добар дизајн?
Конкуренцијата на меѓународните платформи е огромна, но тоа е и нашата најголема потврда – нашите 40+ уникатни дизајни се барани и преземани од луѓе ширум светот, што докажува дека нашата оригиналност и креативност се препознаени и ценети. Како особено значајно, го истакнуваме нашето присуство на платформата Cults3D, каде што го добивме признанието “Selected Designer” и бевме пласирани во Топ 20 дизајни.
Што се однесува до Македонија – довербата и позитивниот фидбек од над 200+ задоволни клиенти е јасен доказ за нашиот успех на домашниот пазар. Македонската публика станува сè повеќе свесна за вредноста на автентичниот, домашен дизајн.
7. Во моментов се подготвувате за Skopje Design Week. Какви очекувања имате од тој настан и колку е важно малите бизниси да се поддржуваат и поврзуваат?
Кулминација на нашето локално признание е поканата да учествуваме на престижниот Skopje Design Week (8-16 ноември), каде што ќе бидеме дел од Саемот на еко бизниси (8-9 ноември). Ова е одлична можност директно да го претставиме нашиот труд и да го почувствуваме пулсот на креативната заедница. Очекуваме нови партнерства со локални брендови и да инспирираме други креативци. Поддршката и поврзувањето на малите бизниси е витално – тоа создава силна заедница, овозможува размена на знаења и генерира нови можности за заеднички успех.
8. Кој е најдрагиот коментар што сте го добиле од клиент досега и зошто ви останал во сеќавање?
Најдрагиот фидбек секогаш доаѓа кога клиентите ќе ни кажат дека производот во живо изгледа многу подобро од сликата. Тоа ни е најважно бидејќи ние веруваме во автентичност – секоја слика на нашиот профил е реална фотографија од нашите 3D печатени модели. Кога тој впечаток е надминат при отворањето на пакетот, тоа е голема потврда. Тоа значи дека сме успеале да го пренесеме квалитетот и вниманието кон деталите и дека клиентот ја препознал вредноста и уникатноста на нашиот труд. Тоа нѐ мотивира да продолжиме да го правиме она што го сакаме.
9. Во иднина како ја гледате еволуцијата на Simple Design? Планирате ли проширување со нови колекции, материјали или производи?
Simple Design ќе продолжи да се развива со фокус на иновација и квалитет. Планираме проширување на колекциите со нови, интересни дизајни. Имаме планови и за експериментирање со нови, одржливи материјали кои ќе овозможат уште поголема издржливост и различни естетски ефекти, како и нови техники на печатење.
10. И конечно, што би им порачале на сите креативци кои сонуваат да создадат нешто свое, но сè уште не го направиле првиот чекор?
Нашата порака е едноставна: Започнете! Не чекајте сè да биде совршено. Не плашете се од мали почетоци – секој голем проект започнува со една храбра одлука. Верувајте во вашата автентичност, бидете транспарентни и работете напорно. Со посветеност и љубов, резултатите ќе дојдат. Само создавајте, а не копирајте!