„Air Jordan”: Од спортска патика до глобален културен феномен

Кога на 9 септември 1997 година Мајкл Џордан во Њујорк го претстави Jordan Brand, малкумина можеа да претпостават дека таа линија на обувки и облека ќе прерасне во една од најуспешните спортски марки во историјата. Тоа беше моментот кога „Air Jordan“, кој веќе имаше статус на култна патика, стана многу повеќе од спортски реквизит – стана симбол на културата, стилот и бизнис визијата.

air-jordan-patiki-4425-fi

Извор: Unsplash

Малку логоа во светот се по препозатливи од силуетата Jumpman. Едно од ретките кое може да се мери по глобална препознатливост е славниот „Swoosh“ на Nike. До 1997 година овие два знака често се гледаа заедно на Air Jordan патиките. Потпишаниот модел на Мајкл Џордан настана во соработка со Nike, но линијата Air Jordan набрзо стана толку популарна што веќе не ѝ беше потребен „Swoosh“ како поддршка. Успешното партнерство меѓу Nike и Џордан доведе до тоа Jordan Brand во 1997 година да стане посебна компанија.

Соработката на Џордан со Nike започна уште во 1984 година, кога младиот кошаркар избираше меѓу Adidas и Converse. Nike тогаш беше „аутсајдер“ во светот на спортските брендови, но имаше доволно храброст и визија да вложи три милиони долари во договор со 21-годишниот новајлија. Неговиот агент Дејвид Фалк го предложи името „Michael Jordan“, но компанијата инсистираше на бренд кој ќе звучи пошироко. Така настана името Air Jordan – комбинација од „Air“ технологијата на Nike и елегантниот, „лебдечки“ стил на игра на Џордан.

Првиот модел, Air Jordan 1, беше лансиран во 1985 година и веднаш предизвика контроверзии. НБА ги забрани црвено-црните патики затоа што не ги исполнуваа правилата за униформност. Nike плаќаше казни од по 5.000 долари за секој натпревар, но тоа го претвори во маркетиншки спектакл: рекламата нагласуваше дека „НБА ги забрани патиките, но не и вас да ги носите“. Тој потег го направи моделот еден од најбараните производи на пазарот и покрена вистинска револуција во индустријата на спортската облека и обувки.

Бренд изградeн врз Џордан


Првите 13 години од постоењето, Nike-овата линија Air Jordan во целост се потпираше на својот творец. Сјајната кошаркарска кариера на Џордан направи патиките и облеката да станат продажен феномен. Дизајнот секогаш беше врвен – но дали би бил толку забележан доколку „Неговото Величество“ не доминираше во НБА носејќи ги? Токму таа дилема ја имаа Nike и Jordan Brand: што ќе се случи кога Џордан еден ден засекогаш ќе ги закачи патиките на клин?

Иако Мајкл двапати се враќаше од пензија, неговото конечно повлекување од кошарката отвори ново прашање – дали брендот ќе опстане без него? Може ли линијата спортска облека и обувки да живее и кога нејзиниот најсилен промотер повеќе не е на паркетот?

Nike, секако, е заслужен за раѓањето на серијалот Air Jordan, но од самиот почеток сакаше да му даде сопствен идентитет. Така, на пример, Air Jordan II беше револуционерен затоа што немаше ниту еден Nike „Swoosh“. Таа независност во дизајнот го издвојуваше Air Jordan од конкуренцијата, но воедно ја отежнуваше промоцијата без личноста на Мајкл Џордан.

Бренд кој живее сам за себе


Деценија подоцна, Nike сфати дека Air Jordan линијата има потенцијал да прерасне во посебен ентитет. Така во 1997 година официјално беше претставен Jordan Brand, со сопственото лого „Jumpman“ и филозофија што одеше подалеку од самите патики. Брендот стана синоним за спојот на спортот, музиката, модата и уличната култура, а меѓу првите амбасадори беа кошаркари како Винс Картер и Реј Ален.

Тоа беше храбра одлука која покажа колку Nike веруваше во моќта на овој бренд. Во тоа време се сметаше дека сезоната 1997/98 ќе биде последна во кариерата на Џордан, па компанијата мораше да испрати јасна порака, Jumpman логото останува, без разлика на тоа што ќе одлучи Мајкл.

За да опстане одвоен од Nike, брендот мораше да пронајде нови ѕвезди. Првата генерација промотери беа НБА играчите Вин Бејкер, Еди Џонс, Дерек Андерсон, Мајкл Финли и Реј Ален. Сите тие беа млади и талентирани кошаркари со голем потенцијал, а воедно и олицетворение на тоа што го претставуваше името Air Jordan, натпреварувачки дух, атрактивност и елеганција на теренот и надвор од него.

Jordan Brand потоа се сврте и кон други спортови. Иако Air Jordan патиките на почетокот беа синоним за кошарка, компанијата сакаше да понуди повеќе. Боксерот Рој Џонс и НФЛ ѕвездата Ренди Мос беа меѓу првите промотери надвор од кошаркарскиот свет. Тоа ги отвори вратите за поширока понуда на обувки – од патики за трчање до модели за тренинг.

Наскоро на брендот му се приклучи и бејзбол великанот Дерек Џитер, спортист со харизма и репутација што можеше да се мери со онаа на Џордан. Неговата беспрекорност на и надвор од теренот направи соработката со Jordan Brand да добие уште поголема тежина и углед.

Денес, 28 години подоцна, Jordan Brand е глобален феномен. Само во 2023 година оствари приходи од над 6,6 милијарди долари, додека Мајкл Џордан и понатаму добива процент од секоја продадена патика или маица. Поранешниот кошаркар кој некогаш сакал да носи Adidas создаде бренд кој го промени начинот на кој луѓето ширум светот ја доживуваат спортската обувка.

Jordan Brand не е само приказна за спортот, туку и за тоа како визијата, иновацијата и храброста можат да се претворат во културен и бизнис феномен.

Извор: bizlife.rs  

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.