Виртуелните инфлуенсери не се само тренд кој ќе помине, туку и поглед во иднината на дигиталниот маркетинг. Сé помалку има дилеми околу тоа како ќе бидат прифтени, имајќи предвид дека АИ-генерирани содржини веќе никому не се непознати, но прашањето за тоа колку успешно ќе можат да ги заменат вистинските (човечки) инфлуенсери при поврзување на брендовите со луѓето, останува тема на дебата и тековни истражувања. И еднакво толку важно, дали на вашиот бренд му одговара виртуелен инфлуенсер?.
Виртуелните инфлуенсери се целосно дигитални ентитети создадени со напредни компјутерски графики и вештачка интелигенција. За разлика од традиционалните инфлуенсери, овие ликови не се ограничени со човечките капацитети, што од една страна им овозможува да обезбедат конзистентно брендирање и креативно раскажување на приказни, но од друга – им создава потешкотии при градење на емотивна поврзаност и доверба на луѓето со брендот преку лични искуства.
Општо мнение за виртуелните инфлуенсери денес наспроти можностите утре
За широката јавност, потврдено и со истражувањата во изминатите години, влијанието на виртуелните инфлуенсери при создавањето позитивни ставови кон брендот е помало во споредба со човечките инфлуенсери. Потрошувачите се повеќе склони да бараат автентичноста, да се идентификуваат и да им веруваат на човечките инфлуенсери, што резултира со посилна емоционална врска и позитивни ставови кон брендот. Но и покрај ваквата перцепција, виртуелните инфлуенсери можат креативно да ја раскажат приказната за брендот, да учествуваат во најразлични сценарија и наративи, нудејќи уникатен начин на ангажирање на публиката.
Сепак, овие дигитални инфлуенсери имаат некои ограничувања кога станува збор за покомплицирани задачи. Тие се особено ефективни за промовирање на едноставни производи како козметика, но не се толку успешни кога се работи за покомплицирани предмети како на пример, мебел.
Иако виртуелните инфлуенсери имаат ограничен ефект во сегашноста, нивниот потенцијал веројатно ќе се зголемува во годините кои доаѓат, паралелно со развивањето на ВИ технологиите и автентичноста на нивните интеракции. За тоа сведочат и најнови истражувања кои потврдуваат дека според повеќе од 1000 анкети спроведени во САД, 52% од учесниците следат најмалку еден виртуелен инфлуенсер, и тоа на повеќе од една платформа – YouTube (28,7%), Instagram (28,4%) и TikTok (20,5%). Главните грижи за преостанатите 48% од луѓето се транспарентноста и автентичноста, бидејќи се борат да ја направат разликата помеѓу автентичните и AI-создадените содржини. Како што технологијата напредува и виртуелните инфлуенсери се повеќе стануваат слични на луѓето, брендовите мора да бидат транспарентни за тоа како ги користат овие алатки.
Иако повеќето луѓе им веруваат на традиционалните инфлуенсери кога се работи за купување или донесување други одлуки, сепак, истакнати луксузни брендови како што се Dior, Nike, Calvin Klein, Prada, Louis Vutton, Ballmain, како и BMW и Samsung веќе соработуваат со виртуелни инфлуенсери.
Кои се најпознатите виртуелни инфлуенсер(к)и во светот?
Lil Miquela е позната по својот модерен стил, музика и застапување, а нејзиниот лик се смета за пионер во просторот на виртуелни инфлуенсери.
Lu do Magalu е бразилскa виртуелна инфлуенсерка, креирана од малопродажниот бренд Magalu, позната по својот ангажирачки контент и соработки со бројни брендови на Instagram.
Shudu се смета за првиот дигитален супер-модел на светот. со силно присуство на социјалните мрежи, посебно на Instagram.
Noonoouri, особено позната во светот на високата мода, е виртуелна инфлуенсерка со уникатен стил на анимација и позната по својата работа во одржливата мода и инклузивноста на Instagram.
Imma е јапонски виртуелна инфлуенсерка, препознатлива по својата реалистична појава и разновидниот моден стил, привлекувајќи публика со својот уникатен изглед.
Rozy е одЈужна Кореја, виртуелна инфлуенсерка позната по својата трендовска мода и живописна личност, Rozy е популарна фигура во заедницата на виртуелни инфлуенсери.