EuroHPC е заеднички проект на Европската Унија и земјите членки што има една цел – Европа да стане светски лидер во суперкомпјутерите и нивната примена во AI, науката и индустријата. Но, како тоа се прелева кај компаниите? Токму тука е фокусот на Јакимовски: како стартапи и мали бизниси од регионот можат да добијат пристап до инфраструктура која инаку чини стотици милиони евра.
Од инфраструктура до иновација
Европа веќе инвестира во суперкомпјутери како JUPITER (првиот ексаскалски систем во Европа), Lumi, Leonardo и други, но и во квантни компјутери. Дел од тие ресурси – околу 20% – се наменети за индустријата и компаниите. За да се искористат, постојат програми за обука, консултации и AI Factories, каде фирмите можат да развијат и тестираат сопствени решенија.
„Овие машини не се AWS или Azure со убави графички интерфејси – тоа се комплексни системи, но токму затоа EuroHPC обезбедува поддршка, обуки и дури финансирање за компании што сакаат да направат скок во иновациите,“ истакна Јакимовски.
Македонија во мрежата
Благодарение на ФИНКИ и проектите EuroCC и AI Factory Antenna, над 30 македонски компании веќе добиле бесплатна обука, консултации, пристап до ресурси и развој на proof-of-concept решенија. Новите иницијативи ќе се фокусираат на сектори како здравство, енергетика, земјоделство, култура и јазик, и дигитализација на јавниот сектор.
Пораката беше јасна: европската инфраструктура за суперкомпјутери не е само за големите корпорации и научни институти. Таа е отворена и за малите компании, кои со вистинска идеја и поддршка можат да изградат производи со глобален потенцијал.